На летната сцена Долни Сарај вчера се случи незаборавно роденденско издание на 30-от „Охрид фест“. Фестивалот што го положи тестот на времето и ги прескокна сите пречки досега, подарувајќи ѝ на публиката 2.000 песни досега, со своето јубилејно издание ги разбранува чувствата на сите кои беа дел од оваа ноќ за паметење.
Младите надежи, ја делеа сцената со ветераните на балканската забавна музика, беа доделени бројни награди, а најголемата награда за сите секако беа аплаузите и топлиот прием од публиката која дојде во голем број.
Водителиската двојка, Васил Зафирчев и Марјана Станојковска и со песна и танц нѐ водеше низ оваа фестивалска приказна, која освен по убавите песни, пред сѐ, ќе биде запаметена по емоциите што кај сите ги разбуди легендарниот Дадо Топиќ, пеејќи ја песната „Македонија“, која е изведена точно пред половина век.
Тој изјави дека и денес, каде и да ја запее „Македонија“, секогаш има убави чувства и гордост во публиката. А вчеравечер сите простум, пееја заедно со Дадо Топиќ, кој утре го слави својот 74-ти роденден. Првата честитка ја доби на „Охрид фест“, а му беше доделена и награда за .ширење на музиката на Балканот.
И големата балканска ѕвезда Неда Украден, која ја испеа нејзината најпозната песна „Зора је“, безвременски хит кој живее и денес, беше бурно поздравена од присутните, кои ги замоли со своите мобилни телефони да направат ѕвездено небо.
Специјални гости на вечерта беа и Божидар Волф, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ, Џими Сион, Срѓан Марјановиќ и Бане Видојевиќ, Гоца Тржан и Принц.
Настап што ќе се памети секако е и изведбата на „Јовано, Јованке“ на Васил Гарванлиев, која никого не го остави рамнодушен.
А што се однесува до наградите што ги имаше во голем број, првото место од публиката го освои „Анѓело“ за песната „Заувјек моја“, второ награден е Емил Фетаховиќ од Црна Гора, која пееше за „Љубомора“, а Бојана Арсовска е трета со песната „Гласна тишина“.
Првото место од жирито му припадна на Давид Миладинов за песната „Како денот да го претворам во ноќ“, која доби награда и за најдобар текст, чиј автор е Ристо Самарџиев. Трета е Мила Николовска – Ѓумар за „Шепни ми“, која ја доби и наградата од акредитиреаните новинари. Трет беше Ален Хрбиниќ за песната „Ноќима“. Наградата од „Сенатор“ ја доби Блаж Маротов за песната „Забораваш“.
„Нова Македонија“ доби благодарница за успешно следење на фестивалот.
Фестивалот директно го пренесуваше МТВ и голем број балкански телевизии. М.Т.
Рекоа за фестивалот
Дадо Топиќ, добитник на наградата за промоција на музиката на Балканот: И благодарам на мајка ми која од најмала возраст ме учеше да пејам македонски песни, а јас имав убава инспирација, подоцна да ја напишам песната „Македонија“. Со неа се гордеам, таа ми ја надополни кариерата. И секаде каде што ја исполнувам, буди убави чувства кај луѓето. Ја пејат со горост и со чувство на припадност на овие наши балкански простори, бидејќи секогаш знаевме да уживаме и да ги цениме добрата музика и убавите песни.
Неда Украден: Исклучително сум почествувана што го добив ова признание за песната „Зора је“ која ја одбележува мојата кариера во изминатите 50 години. Кога човек ќе мине толку долг музички пат, како јас, со многубројни хитови, настапи и кога ќе добие ваква награда, тогаш знае дека се што правел досега има смисла. Ви благодарам на сите тука и на сите што се дел од организацијата на фестивалот. Благодарам Македонија, благодарам Охрид од срце.
Блаж Маротов: По подолго време сум на овој фестивал и драго ми е што, ете, добив и награда од „Сенатор“ за песната „Забораваш“ за која добив многу комплименти од колегите, а беше и одлично поздравена на сцената. Ако се вратам многу назад, настапив на вториот „Охрид фест“ со песна на Симон Трпчески, „Со мене заиграј“, која се најде и на моето прво цеде. Според мене, овој фестивал е растеретен од многу аспкети, тука се бара добар настап и добра песна, сцената е прекрасна, а убавото опкружвање е мотив плус. Инаку песната што ја изведов, „Забораваш“ прво дојде до мене како текст што ми го даде Огнен Неделковски. Првата верзија беше да ја изведам само со клавир и звучеше одлично, но стариот волк Копров ми рече : „Да, убаво звучи но и недостасива уште малку живост“ и така дојдовме до оваа верзија.
Божидар Волф: Првпат во Македонија дојдов далечната 1984 година, како пејач на групата „Рандеву“, со која настапив на југословенскиот Избор за песна на Евровизија во Скопје. На фестивалот доаѓам трета година по ред, пред се поради големото пријателство со Григор Копров и секако заради топлиот прием и убавите спомени. Овојпат настапувам како специјален гостин. Ќе отпејам една оперска арија, во чест на роденденот Јас инаку настапувам доста, повеќето сам, имам 27 поп хитови во Словенија и секаде ме викаат.
Васил Гарванлиев: Песната „Јовано, Јованке“ што ја исполнив беше најава за големиот концерт што ќе се одржи на 12 септември во Куршумли Ан, во Скопје, а ќе ме придружува Давор Јордановски на клавир, Оливер Јосифовски од „Љубојна“ на бас, Даутоивски на перкусии, девојките од „Злата Мегледнска“, ќе има и балерини и други изнендаувања. Ќе изведам 17 нумери, со балканска музика, класика и поп музика, стари прерабоки и нови песни, кои премиерно ќе ги испејам. Се ќе се снима. А на овој 30-ти „Охрид фест“ и јас одбележувам три децении откако ја испеав песничката „Желба од срце“ на фестивалот „Калинка“.
Срѓан Марјановиќ: Јас сум пријател на фестивалот и драго ми што повторно сум тука. Моите песни се уште се пејат, ете и во Македонија, најверојатно затоа што јас во моето творештво сум проклето врзан за она нешто што се вика – љубов. Мислам дека животот без неа е бесмислен, колку и да звучи тоа прозаично. Инаку неодамна снимив нов албум, се вика „Сите мои песни се за тебе“, во кој порачувам: ако имаш некој на кого тоа му значи треба да му кажуваш дека го сакаш. Често настапувам, а досега сум објавил четири романи: „Жици“, „Океј ќе се пресвлечам“, „Не ти реков баш се“ и последниот – „Можев да бидам геј“, што ме инспирираше да напишам и истоимена песна што тука ја исполнив со глумецот Бане Видаковиќ.
Давид Миладинов: Досега сум добил многу награди на разни фестивали во Германија, Италија, низ цела Европа, но оваа ми е особено драга бидејќи ја добив на јубилејното издание на „Охрид фест“. Песната со која го освоив првото место од жирито „Како денот да го претворам во ноќ“, која доби награда и за најдобар текст, чиј автор е Ристо Самарџиев, во мене навистрина разбуди многу емоции, што се обидов да и ги пренесам на публиката со својата изведба. Инаку јас сум на магистерски студии по оперско пеење, кај професорот Борис Трајанов, од кого можам многу да научам.
Емил Фетаховиќ: Не сум првпат во Македонија, како мал учествував на фестивал „Златно славеје“ во Скопје, но прв пат сум во Охрид и тука е навистина прекрасно. Ова за мене е едно убаво искуство, среќен сум што добив награда, втора од жири, а тоа е знак дека повторно ќе се видиме. На фестивалот му пожелувам уште долго да постои, зашто овој древен град заслужува да има една ваква меѓународна манифестација. М.Т.