Во пресрет на премиерата на „Замисли нов свет“ во МНТ

На 16 и 17 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), со почеток од 20 часот, ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски, соопштија од Македонскиот народен театар на средба на која присуствуваа членови на актерската екипа заедно со режисерката Нела Витошевиќ, претставник од продукциската куќа „Сектор филм“ и директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добропознатите ликови од драмите на Стефановски.
– Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни – изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Актерската екипа, која ќе се појави на сцената на МНТ, е составена од: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски и костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата „Замисли нов свет“ е инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овој пат во продукција на „Сектор филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.