Министерот за култура и туризам Зоран Љутков

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков по повод трагичната несреќа, која рано утрово се случи во дискотека во Кочани, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Министерот Љутков порача дека сите институции од областа на културата во Скопје ги отворија вратите и се ставени на располагање за поддршка на семејствата и на сите оние на кои тоа им е потребно.


Мими Ѓорѓовска, директорка на Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб

Со длабока и неизмерна тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани.
Ова е тежок и многу тажен за Македонија.
Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со македонскиот народ!


Филозофски факултет – Скопје

Медиумите да се придржуваат кон етичкиот кодекс

Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје апелира до сите медиуми да се воздржуваат од сензационалистички начин на информирање, да не придонесуваат за генерализирање на настанот на колективно ниво, бидејќи на тој начин се интензивира траумата на сите граѓани во државата, а најмногу на блиските на настраданите.
Во овие моменти, најважно е медиумите строго да се придржуваат кон етичкиот кодекс за известување, како и да придонесат во пружањето поддршка на настраданите, нивните блиски и на сите граѓани.


Филхармонија
Сила и молитва за сите повредени

Неизмерна болка и тага
Сочувство до семејствата на загинатите, сила и молитва за сите повредени што во моментов се борат за своите животи


Македонскиот народен театар ги отвора вратите на солидарноста

Македонскиот народен театар ги отвора вратите во знак на солидарност и општествена одговорност за сите семејства на хоспитализираните лица што се повредени во пожарот во Кочани.
На семејствата што имаат потреба да останат во Скопје и да бидат блиску до своите најблиски, Македонскиот народен театар ќе им овозможи да бидат сместени во гримиорните и апартманите.
Институцијата ги откажа сите наредни изведби.
– Почитувана публико, поради тешката трагедија од големиот пожар, кој се случи во дискотеката во Кочани, сите изведби во Македонскиот народен театар во текот на оваа недела од 17 до 22 март 2025 година ќе бидат откажани, како знак на почит кон настраданите и нивните семејства. Да покажеме солидарност и разбирање во овие тешки моменти за нашето општество. Средствата од купените онлајн билети ќе ви бидат рефундирани системски, а билетите купени од билетарницата ќе се рефундираат на истата таа, секој работен ден од 12 часот.
Ви благодариме на разбирањето – стои во објавата.
Поради тешката трагедија од големиот пожар, прва е откажана изведбата на претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на Црногорско народно позориште, која беше планирана да се изведе вечерва во 20 часот.
Средствата од купените онлајн билети ќе ви бидат рефундирани системски.


Дарија Андовска, композиторка

Нема зборови… Само пепел и тишина…

Трагедија…
Трагедија од прогледување низ прсти,
работење незаконски,
непочитување норми,
трагедија „мој човек е“ и
„имам човек, ќе средиме“…
Нема утеха, нема утешни зборови…
Нема зборови…
Само пепел и тишина…
Господ нека им даде сила на семејствата на погинатите деца,
на пролетта што нема да види пролет…
Мир и светлина на душите нивни…


Ѓорче Ставрески, режисер

Треба некое длабоко поместување

„Не оди сам, ќе те чека на шалтер на вујко ти еден пријател, работи на радиологија, тој ќе те качи горе и ќе те однесе да те прегледаат“. Доаѓаш, човекот е мил, те чека долу како што ветил и додека те внесува во просторијата за преглед и ти зборува со епитети за твојата фамилија, твоите очи ги пресретнуваат измачените погледи полни со прекор на луѓето што чекаат ред. Радиологот ги игнорира и ти се смешка, докторот те пречекува срдечно, но иако си дете и сѐ уште не ти е јасно што точно се случува, длабоко во себе знаеш дека нешто не е во ред.
„Брат ми ми заврши работа за упис на факултет преку другар негов од средно; Ќерката на најдобриот другар на дедо ти работи на шалтер и ќе ти ја регистрира колата; Платив за лек под рака на онкологија“.
Тоа е лицето на корупцијата. Феудално зло, толку многу вкоренето на овие простори. Често сум се расправал и сум одбивал да бидам дел од кругот, но во Македонија кога-тогаш доаѓа цената за твојата правдољубивост. Јас, на пример, за влакно ќе останев инвалид и едвај ја спасив раката, затоа што отидов на операција, без врски. Животот ми одржа лекција, многу помоќна од флоскулите со кои се расфрламе по секоја ваква трагедија.
И додека се обидувам од петни жили да ги блокирам врисоците на децава од вчера, шокиран заклучувам дека не гледам решение. Нашите родители не се изборија, ние не успеавме да се избориме, а гледаме дека не сме сами, сведоци бевме вчера на невидени протести во Србија, кои се резултат на истата таа екстремна корупција. Треба некое длабоко поместување, поинаков систем на владеење, контрола на политичкиот систем секои две години наместо на четири, анархизам, хоризонтално владеење. Немам поим, само знам дека „мурто-курто“ не функционира.
Автобусот, па модуларната болница, сега децава.
Нека им е лесна земјата. Сочувство до најблиските.


Татјана Алексиќ, професорка
Ни изгореа млади фиданки

Ни изгореа млади фиданки. Корените ни се сотрени. Невидена национална трагедија, огромна загуба за Македонија. Кочани е мртов град… Длабоко сочувство до семејствата, тагуваме сите.


Катица Ќулавкова, академик

Пискотници се слушаат од Кочани до небото!

Малку е да се каже трагедија за ова што ноќеска се случи во Кочани, во шупата наречена диско;
Малку е да се каже дека им се случил пекол наместо живот на 70 (?) убави млади луѓе;
Малку е да се каже дека стотици семејства се уништени;
Малку е да се каже дека ни во војна не гинат толку бесмислено и толку одеднаш, толку невини;
Малку е да се каже дека Македонија е опасно место за живеење;
Малку е да се каже дека Македонија стана дувло на нечесни, несовесни, криминогени суштества;
Малку е да се каже дека Македонија е проколната, инаку како да се сфати тоа што со невидена мрачна „леснотија“ гинат Македонците, во пожар и по патиштата, од загаден воздух и лоша храна;
Малку е да се каже дека ништо не е случајно, ништо не е без причина;
Малку е да се каже дека останавме сите без збор!
Туку бар некаква поука да извлечеме за отсега па натаму: поважен е животот на луѓето од било какви политички илузии за интеграција, од било какви ефемерни интереси на среброљупците и властољупците…
Не, нема збор за утеха, само го молам Бога и ги молам луѓето да спасат што може да се спаси и да помогнеме сите со она што можеме да помогнеме!
И да не се повтори! Никому, никогаш!


Сашо Огненовски, автор

Земјата ја навикнуваме на таги и трагедии

За сите ужаси што се случуваат велиме: ваков ужас не паметела земјава. И секогаш следниот е поголем и поголем. Каде одат овие страотни метастази и до кога ќе гинат најмладите и најневините? Земјата ја навикнуваме на таги и трагедии, просперитетот ни е далеку, а очајот на изгорените срца неизмерен.
„Тагувај, невина земјо“, гласи еден статус на социјалните мрежи.


Гордана Каракашевска, поетеса

Години на молк секогаш водат до минути на молк

Сонувам дека
се будам. Сѐ е тивко
освен срцето.

Денес го споделувам моето прво хаику во 2025 година како одговор на поетскиот маратон.
Поради страшната трагедија што се случи рано утрото во дискотеката во Кочани, го прекинувам поетскиот маратон во знак на жалост.
Во мојот живот не паметам поголема несреќа од оваа што се случи во Кочани.
Моето срце е со родителите на настраданите деца.
Бог нека им даде сила.


Јидиш молитва (за македонските состојби)

Анте Поповски

…О милостив боже
за извесно време
избери си друг народ.
зашто ние сме веќе
изморени од смрти
и трупови
и немаме веќе молитви
наш милостив боже
за извесно време
избери си друг народ!

(Жорж Поповски, синот на современиот македонски поет Анте Поповски,
сподели песна од својот татко по повод трагедијата)