Заедничкиот проект на младите уметници Ана Трајковска и Доротеј Нешовски, насловен „Социјален алгоритам – фузија на социјалните системи и семантичката кршливост“, уште од самиот наслов упатува на повеќеслојност во сугерираните размисли и толкувања на идеите што се однесуваат на сложените релации на социјалното и индивидуалното егзистирање во современиот свет.

Изложбата ќе биде отворена денеска во Националната галерија, во објектот „Мала станица“, а ќе може да се посети до 28 септември.
– Перцепцијата на авторите е претставена преку повеќе дела во кои најчесто комбинираат нови медиуми, графички техники и интерактивни инсталации, при што естетското доживување е појдовна платформа (земајќи ги предвид широкото и сѐ понагласено значење и употреба на овој збор во секојдневието) за мултидисциплинарно истражување на темата, кое вклучува не само уметност туку и технологија, психологија, социологија… На овој начин тие систематично, но и длабоко критички, проникнуваат во суштината и значењето на комуникологијата, односно системите врз кои е базирано функционирањето на дигиталното потрошувачко општество, како и одредувањето и формирањето предвидливи насоки во чии рамки е (ќе биде) дефинирана и индивидуалната слобода на размислување и одлучување. Ана Трајковска и Доротеј Нешовски укажуваат на губењето на способноста на алгоритмите за пренесување на оригиналните значења, што доведува до распад на комуникацијата и конечна покорна затапеност на човештвото. Појдовно начело на овој уметнички ангажиран проект е предизвикување размисли и интеракција со гледачот, со конечна цел да се поттикне критика и да се провоцира дијалог токму за системите на универзална контрола на однесувањето со чија помош се поништуваат индивидуалната слобода, идентитетот, културните специфики и оригиналноста – пишува Маја Чанкуловска-Михајловска.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.