Силна емоција, врвна музика и аплаузи што траат со минути ја обележија музичка вечер во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Во организација на „Прагма продукција“, македонскиот пијанист со светско реноме, маестро Симон Трпчевски одржа концерт пред многубројна публика, претворајќи го настапот во вистински културен настан. Со впечатлива уметничка зрелост и силна комуникација со публиката, вечерта ја надмина концертната форма и се претвори во незаборавно музичко доживување.
Концертот помина во знакот на внимателно избран и уметнички заокружен репертоар, кој понуди музичко патување низ различни емоционални состојби – од суптилна лиричност до моќна драматичност.
– Надвор е магливо и студено, но во срцата – чисто како солза и топло – рече маестро Трпчевски на почетокот на концертот, заблагодарувајќи ѝ се на публиката за присуството.
На сцената му се придружија Сашо Татарчевски и музичари од Македонската опера и балет, создавајќи динамична и возбудлива концертна атмосфера, а посебен акцент на вечерта беше соработката со гитара, предводена од истакнати македонски гитаристи.
Меѓу повеќето гости беа и членови на Македонската филхармонија, како и македонски музичари што работат во странство, но и членови на „Македонисимо“.
На крајот од концертот, маестро Трпчевски јавно му се заблагодари и на Панде Шухов, кој беше аранжер на делата изведени на концертот. Ова не беше класичен концерт, туку новогодишен спектакл, каде што за првпат Симон Трпчески отсвири и популарни новогодишни песни, како што тоа го прават и најголемите музички ѕвезди.
Симон Трпчески кога настапува на сцените низ светот дава сѐ од себе, но потенцира дека емоцијата е посилна кога се свири дома. Концертот во Скопје уште еднаш ја потврди улогата на Симон Трпчевски како еден од најзначајните амбасадори на македонската култура во светот – уметник што преку музиката не само што настапува туку и раскажува, обединува и инспирира.
































