За првпат во Македонија, во рамките на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“, се организира избор на Млад пијанист на годината на Македонија за 2025. Овој настан, според м-р Светлана Димитриевска, раководител на одделот за пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и еден од организаторите на натпреварот, ќе донесе нова свежина на полето на музичката култура и уметност, ќе биде поттик за сите млади пијанистички надежи, како и мотив за успеси и достигнувања. Натпреварот им овозможува на младите пијанисти да се претстават пред врвни уметници и музички педагози, членови на оценувачката комисија. Меѓу нив се: Симон Трпчески, најистакнатиот македонски пијанист, проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска, раководител на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје и познатиот пијано педагог Катерина Ќетковиќ Фидановска, професорка во „Илија Николовски Луј“.

– Веруваме дека ќе биде значаен настан, кој ќе прерасне во традиција и ќе придонесе за развој на пијанизмот. Пријавувањето е бесплатно, затоа што да се биде пијанист е огромен предизвик, привилегија и секојдневна работа на себе – вели Димитриевска.

За изборот на Млад пијанист на годината на Македонија може да се пријават само македонски државјани. Кандидатите приложуваат само документација за достигнувањата во текот на изминатата година: одржани рецитали, јавни настапи, свечени концерти, награди на домашни и странски натпревари, настапи со камерни состави и оркестри итн.
Изборот на Млад пијанист на годината во Македонија е поделен според возраста во следните категории: родени 2015 и помлади; родени 2010-2014 година; родени 2007-2013 година.

– Ги покануваме и ги охрабруваме сите млади пијанисти со особени достигнувања и нивните професори, да се пријават и да бидат дел од изборот за Млад пијанист на годината – додава Димитриевска.

Второ издание на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“ со врвни професори во жирито

Целта на овој настан, објаснува Ема Попивода, актуелна директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, професорка на Музичката академија во Штип и исто така дел од организацијата на натпреварот, е да се поттикне негувањето на вистинските вредности и да се промовираат младите пијанисти кои вложуваат многу труд, љубов и посветеност во својата уметност.

– Наградата и статуетката ќе бидат доделени на оној млад уметник кој бил најактивен во текот на изминатата година, односно на пијанистот кој настапил на најголем број концерти, освоил најмногу награди и покажал континуиран развој. Наградата Млад пијанист на годината ќе се доделува во три возрасни категории, што е особена мотивација за сите млади пијанистички надежи, кои имаат желба и се подготвуваат да ја освојуваат музичката сцена – вели Попивода.

Вреди да се спомене дека на натпреварот ќе биде доделена и награда за најдобра изведба на дело од македонски автор, во соработка со Сојузот на композитори на Македонија. Дополнително, ќе се доделат награди за најдобра изведба на дела од австриски и јапонски композитори, кои ќе ги врачат амбасадорите на Австрија и Јапонија во Македонија.
Како дел од наградите, победниците ќе добијат можност да настапат на концерти во Скопје, Штип и Тирана, како дел од реномирани музички фестивали.

Пријавувањето е до 1 декември, годинава.