Претстојното 33. издание на џез-фестивалот во Гимараеш, Португалија, кој се одржува од 7 до 16 ноември, вечерва ќе биде заокружено со настапот на октетот на Џијан Емин со Симфонискиот оркестар на Гимараеш. Оваа соработка е всушност дел од проектот на фестивалот и оркестарот на Гимараеш, кој веќе седма година избира иновативна авторска музика од целиот свет, која се изведува заедно со португалските музичари.
– Еклектицизмот и стилската различност беа доминантна нота на минатите избори направени од фестивалот во однос на ова партнерство. Беа експериментирани различни формати и композитори поврзани со џез-рок (Нелс Клајн), со европски оркестарски џез-поп (Лина Ниберг) или со бразилска музика под влијание на џезот (Леа Фреир), меѓу другите од различни стилски и географски широчини, кои решително придонесоа за нејзиниот раст – се наведува во појаснувањето на организаторите на фестивалот.
Оттаму, препознавајќи ги автентичноста и ингениозноста, нарекувајќи го нашиот Џијан Емин „идиосинкратски македонски музичар“, го најавуваат концертот како „исклучително современо патување низ хибридни звуци без граници“.
– Во 2024 година балканската традиционална музика, на крајот еден од изразите на европската народна музика со најголем одек и најимпресивно присуство во глобалното музичко имагинарно, ќе влезе во флуидните територии на џезот преку рацете и талентот на идиосинкратскиот македонски музичар Џијан Емин, кој ќе го предводи Оркестарот на Гимараеш, како и осум македонски музичари, кои ќе го придружуваат на исклучително современо патување низ хибридни звуци без граници – пишува во фестивалската најава за концертот.
Диригент на концертот е маестро Џијан Емин, а како солисти ќе настапат Кирил Кузманов, Трајче Велков, Иван Иванов, Сашко Николовски, Гордан Спасовски, Кирил Туфекчиевски и Гоце Стефковски. На фестивалот ќе настапат водечки светски имиња како Марија Шнидер со својот „Класи оркестар“, Лео Вадада Смит Крег Таборн, Џеф Балард, Амброуз Акинмузир.
Џијан Емин е мултиинструменталист, композитор и продуцент со повеќеслојна и исклучително оригинална музичка кариера, материјализирана во делот од творештвото низ неколку уметнички фронта: интерпретацијата на класичниот репертоар како прв хорнист на Македонската филхармонија; создавање импровизирана музика; уметнички раководител на оркестри и големи ансамбли; компонирање саундтраци за кино и театар; и, конечно, уметничко кураторство на музичките фестивали. Срцевината на неговото уметничко творештво е инкорпорација на мултикултурни звуци што ја отсликуваат културната средина на самиот Балкан, означена со флуидното вкрстување на западните и источните влијанија.

В.Д.