Разговор со младата режисерка Теодора Сиљаноска
Вацлав Хавек вели дека театарот секогаш треба да биде помалку сомнителен, веројатно затоа што токму сомнежот е пат кон размислувањето, истражувањето и откривањето. Во време кога на целата уметност се гледа како на нешто сомнително, независната театарска сцена е можеби на врвот на сомнежот. Но, таа сцена има свој свет и светоглед, своја патека и свој печат. За театарот, за најновите нејзини ангажмани и за независната сцена разговараме со младата македонска режисерка Теодора Сиљаноска.
Теодора Сиљаноска (1996) е родена во Прилеп, каде го завршува основното и средното образование, како и основното музичко училиште на инструментот виолина. Нејзините први начини на изразување се пишувањето и рецитирањето, а потоа водена од љубовта кон сите облици на уметноста во 2015 се запишува на Универзитетот за Аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, на насоката за театарска режија во класата на проф. Дејан Пројковски. Дипломира во 2018, специјализира во 2019, а во 2022 станува магистер по театарска режија на истиот факултет. По дипломирањето, а и пред тоа, почнува да го гради своето професионално резиме, па иако е на почетокот на својата режисерска кариера, веќе режира во Македонија и во регионов, а добитничка е и на две награди на „Актерот на Европа“ и на ИНТЕФ во Србија, за претставата „Пеликанот“ на Аугуст Стриндберг.
Тишината – мост, а не дистанца
На почетокот на пролетва, претставата „Слугинки“ од Жан Жене во режија на Теодора Сиљаноска беше изведена во Краљевско позориште „Зетски дом“ во Цетиње во рамки на програмата „Денови на независната сцена“ каде што се претставија уште седум други претстави од регионот.
– Гостувањето во театар со толку богата историја, а воедно и со свеж дух, отворен за нови идеи и млади уметници, за мене беше уште една потврда дека независната сцена има своја важност, свој простор, своја публика. По изведбата, заедно со екипата, бевме едногласни дека почувствувавме како се градаше мост помеѓу нас и гледачите. И покрај јазичната бариера, имаше момент на целосно внимание, на тишина која не беше дистанца, туку напротив – апсолутна посветеност од страна на публиката-раскажува младата режисерка Сиљаноска.

Според неа реакциите и енергијата биле повторна потврда дека зборовите не се единствениот начин на комуникација, понекогаш е доволно едно чувство, една пауза.
– Гледачите беа срдечни и љубопитни по изведбата, во нашите непосредни разговори, а добиените коментари – искрени, продлабочени и вредни за носење, како пријатно сеќавање од Цетиње – раскажува режисерката Сиљаноска.
„Слугинки“ е претстава која што зборува за бунтот и крикот на младата генерација, која се соочува со низа проблеми и конфликти меѓу луѓето во време кога светскиот капитал е репер за моќ и по инерција сме принудени да бидеме компромисни за компромис. Случаjно или не, за жал, премногу актуелна тема во овие трагични мигови за Македонија и за Балканот.
Театарот не дава одговори, но отвора прашања
– Во оваа комплексна драма на Жене, неговиот бунтовен крик против неправдата и хиерархијата не е само театарски мотив, туку и огледало на светот што го живееме. Во морето од теми што ги отвора делото, можеби најболно одѕвонува токму оваа што ја издвоивте, младоста како сила што постојано се судира со ѕидови, што се преиспитува, што бара можност да биде подобра, но неретко останува нечујна, незабележана, заглавена во компромисите што ѝ ги наметнува системот – објаснува Сиљаноска.
Во процесот на создавање на претставата, направен е обид за деконструирање на механизмите на потиснување и на пронаоѓање на точките каде што се раѓа бунтот.
– Дали е тоа болката од неприфатеноста, стравот од немоќта, или можеби илузијата дека сме во позиција да се избориме за нешто повеќе? Актуелноста на оваа тема е застрашувачка, не само во Македонија и на Балканот, туку насекаде.. и нè враќа во истата точка на неспокој. Театарот можеби нема да даде директен одговор, но ако барем за миг го разбуди прашањето, ако некого натера да почувствува или да се преиспита, тогаш можеби сме направиле чекор кон нешто посуштинско – посочува Теодора Сиљаноска.
Сиљаноска во своето режисерско професионално резиме, кое допрва треба да го полни, сепак има запишано важни гостувања како она на БИТЕФ во Белград, во Цетиње, во Нови Пазар, на ИНТЕФ во Шабац…Според неа во соседните земји има поголем простор за независната сцена и повеќе фестивали кои се насочени кон овој театар.
– Тоа ни овозможува да имаме искуства и можности за да го покажеме нашиот труд. Благодарни сме за секоја прилика што ни беше дадена надвор, бидејќи тоа е важен дел од нашето растење и развој. Се надеваме дека ќе имаме се повеќе можности и тука да ја покажеме и развиваме својата професија – смета Сиљаноска.
Маргинализацијата е творечки предизвик
Со своите генерациски блиски колеги актери и други театарски работници, Сиљаноска создава нови, независни театарски продукти.
– Да се работи независно е голем предизвик, особено со недостатокот на простор, ресурси, место за проби, за изведби, па и за подолг живот на проектите – сето тоа ни недостига. Но, и покрај сите потешкотии, има нешто многу убаво во создавањето од љубов и посветеност, без да се очекува ништо повеќе од радоста кога проектот ќе биде успешно завршен. Се радувам што независната сцена и покрај сите потешкотии, продолжува да се бори и да расте, да ја докажува својата вредност. Верувам дека ќе се создаде поголема свесност за неа, и ќе биде поддржана како важен дел од културниот пејзаж – ни рече Сиљаноска.
Во однос на состојбите во регионот, таа смета дека речиси секаде независната сцена е на маргините, но токму тоа и дава сила и посебен сјај.
– Предност на независната сцена е тоа што се занимава со теми кои не се секогаш присутни на големите сцени, иако се важни. Во овој контекст, независната сцена на Балканот и во Македонија, сметам дека има сличности – и покрај потешкотиите, таа продолжува да се развива и да истражува, поттикната од силната желба и потреба за создавање – нагласува Сиљаноска.
Зборот и театарот се неразделни
Доста често, особено по некои поводи се зборува за важноста на зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, меѓутоа поради слабото познавање на истиот и заради минорното користење на стандардниот јазик, се чини дека тој исчезнува. Школите за правилно и убаво зборување веќе се минато и во училиштата, но и во телевизиите. Театарот бил, а би требало и сега да биде едно сокровиште на македонскиот стандарден јазик, меѓутоа сѐ поретко слушаме актери кои правилно зборуваат и на сцената и вон неа. Сиљаноска уште од своето детство го негува правилното зборување кое го кали преку вештината не рецитирањето. Иако таа не е на сцена, тоа ѝ помага во работата.

– Поезијата е голема инспирација и нешто што сѐ уште го сакам. Рецитирањето во школските клупи беше љубов која се развиваше уште посилно со помош на сите наставници и професори од кои сум имала шанса да учам, па за мене стана и рана лекција за моќта на зборот и неговото влијание врз човекот, но и ја развило, веројатно, уште повеќе љубовта кон сцената и разбирањето на нејзината моќ – вели Сиљаноска.
Таа смета дека читањето е особено важно, за развојот на секој човек, а посебно на режисерерот бидејќи зборот и театарот се неразделни.
– Секој текст, без разлика на тоа дали е поезија или проза, помага на свој начин, но секако има многу кои чекаат да ги откријам. Ако морам да споменам некои, нека бидат, „Отклучување на патиштата“ од Радован Павловски, поезијата на Шопов и „Земја на пеплишта и дијаманти“ од Барба, книгите кои во последниот период ми значат многу – вели таа.
Во професионалните ангажмани на Сиљаноска впишано е и режирањето на документарен краткометражен филм за мобилниот филсмски фестивал во Каиро, награден со признанието Ловоров венец за еден од најдобрите шест филмови на фестивалот, но иако тоа го смета за драгоцено икуство, во моментов останува фокусирана на театарската уметност.
Во моментов на почеток е поставувањето на претствата „Кокошка“ на Николај Кољада, а во режија на Теодора Сиљаноска, во продукција на новиот независен тетатар Вортекс, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам. Премиерата е предвидена за втората половина на 2025 година. Актерската екипа ја сочинуваат Томе Станковски, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Ванеса Тримчевска, Ане Блажовски и Кристина Гиева.