Во чест на неодамна починатиот мајстор на неоноарот и соништата, Дејвид Линч, Кинотеката ќе организира специјална проекција на неговото ремек-дело „Малхоланд драјв“. Награден за најдобра режија на „Канскиот филмски фестивал“, ова е еден од највлијателните филмови на 21 век и вистински омаж за Линчовата уникатна визија
Кинотеката на Македонија за февруари подготви исклучителна филмска програма, која ги спојува класиците на златната ера на Холивуд, современите француски филмови, фалени фестивалски продукции и незаборавни дела од југословенската и светската кинематографија. Овој месец ќе биде вистинска прослава на филмската уметност, со селекција што ќе ги задоволи вкусовите на сите љубители на седмата уметност.
На програмата се холивудски класици што ќе нѐ вратат кон златната доба на филмот. Ќе бидат прикажани: „Филаделфиска приказна“ во режија на Џорџ Кјукор – романтичната комедија од 1940 година, со незаборавните Кетрин Хепберн, Кери Грант и Џејмс Стјуарт, која ќе ве потсети на елеганцијата и духовитоста на старото холивудско кино; „Булевар на самракот“ во режија на Били Вајлдер – еден од најголемите филмски класици, мрачна иронија за славата и падот во Холивуд, со легендарните настапи на Глорија Свенсон и Вилијам Холден; „Бунтовник без причина“ во режија на Николас Реј – времеплов во 1950-тите со Џејмс Дин како симбол на младешката бунтовност и егзистенцијалната потрага и „Апартман“ во режија на Били Вајлдер – оскаровецот од 1960 година, брилијантна мешавина од комедија и драма, со Џек Лемон и Ширли Меклејн.
Во рамките на циклусот современи француски продукции што ќе донесат свежина и оригиналност се: „Емилија Перез“ во режија на Жак Одријар – возбудлив филм што се занимава со идентитетот и животните одлуки, внесувајќи иновативна енергија во модерната кинематографија; „Случајот Голдман“ во режија на Седрик Кан – моќна судска драма што ги истражува границите на правдата и моралот, инспирирана од вистински настани и „Само ние двајца“ во режија на Валери Донзели – интимна љубовна приказна што на нежен и емотивен начин го прикажува предизвикот на долгорочните врски.
Во програмата фестивалски хитови ќе го видиме „Анора“ во режија на Шон Бејкер. Новиот филм на Шон Бејкер, авторот на „Тангерина“ и „Проектот Флорида“, повторно нè носи во маргините на општеството, со длабока и потресна приказна за љубовта, надежта и човечноста.
Специјална проекција ќе има култниот „Малхоланд драјв“ во режија на Дејвид Линч. Во чест на неодамна починатиот мајстор на неоноарот и соништата, Дејвид Линч, Кинотеката ќе организира специјална проекција на неговото ремек-дело „Малхоланд драјв“. Овој хипнотичен филм е незаборавна комбинација на мистерија, психолошка драма и надреални елементи, кој ја истражува темната страна на Холивуд. Награден со наградата за најдобра режија на „Канскиот филмски фестивал“, „Малхоланд драјв“ е еден од највлијателните филмови на 21 век и вистински омаж за Линчовата уникатна визија.
Во циклусот југословенски класици ќе го видиме „Млад и здрав како ружа“ во режија на Јован Јовановиќ – култен филм на југословенскиот црн бран, остар социјален коментар што ги отсликува борбите на младите во тогашното општество. Ова е уникатна можност за новите генерации да го доживеат овој филм на големото платно, еден од најрадикалните филмови од регионот.
– Кинотеката на Македонија и овој пат се потруди да понуди разнолика и квалитетна програма што ги обединува различните генерации, жанрови и стилови. Не пропуштајте да уживате во магијата на филмот на големото платно – порачуваат од Кинотеката. В.Д.