(Кон претставата „3 сестри ремикс“, по драмскиот текст на А.П. Чехов, во режија на Ивица Буљан, а во продукција на театарот „Тиволи“, во копродукција со фестивалот „Љубљана на Крижанки“, Љубљана, Словенија. Улоги: Александра Балмазовиќ, Саша Павлин Стошиќ, Каја Петровиќ, Ловро Зафред, Јернеј Маркељ)
Претпоследната драма на Антон Павлович Чехов обично ја нарекувале „трогателна“ пиеса за копнежот и за ништоста и заборавот. Чехов воопшто не бил задоволен од режијата на Станиславски и Немирович Данченко на самиот почеток на дваесеттиот век, во првата негова година. Само неговата сопруга, Олга Книпер, која ја играла Маша, го сфатила значењето на улогата на Маша, која Чехов ја пишувал за неа. Чудна е неговата намера да напише пиеса за надежта, тенденциите и соништата на еден конгломерат ликови, кои еве веќе еден век во многу режисерски концепции се третираат патетично, со повремени ситни „пронајдоци“ во реконтекстуализирањето на навидум комплицираните односи на жените со нивните додворувачи и извесните личности присутни во куќата, која, всушност е на сосема друга, особено прагматична двојка, која исто така станува жртва на непрепознаената патетика низ паузите и долгото временско растојание од по една година во секој чин. Каде е екстравертот во целата оваа сложена приказна за која Чехов рекол дека првата инсценација била „бујна“? Каде се референците на таа „бујна“ инсценација и кои се цивилизациските поместувања на Олга, Маша и Ирина во време што погубноста ја гледа многу блиску, пред себе и се обидува да ја метаболизира, всушност, се согледува низ отуѓеноста на своите, на многу начини, несфатливи пориви? Ивица Буљан открива еден сосема поинаков еквилибриум во оваа пиеса и се чини дека многу систематски навлегол во тоа квазимитолошко „пребројување“ на ликовите во место што многу малку наликува на дом, а всушност е територија каде што се сведуваат сметките, или евентуално се завршуваат расправиите за заборавот и можеби, за смислата. Читајќи го Чехов и гледајќи негови инсценации, почнувајќи од онаа на Ли Стразберг, Георгиј Товстоногов, Џон Гилгуд, ќе се запрашаме што со неговите фамозни паузи? Што има во нив, каква е густината на нивната тензија? Чехов е најконкретно познат по своите паузи, кои ги поместуваат животните патишта на главните ликови. Ивица Буљан ги претворил тие паузи во крикови, а тивките и „патетични“ дијалози во вистински расправии. Овие расправии, задавени во стравотната „конкретност и егзактност“ на недоразбирањата на дваесет и првиот век се одлика на галиматијасот што и Чеховите и нашите, несудени „Три сестри“ ги прифаќаме и ги реартикулираме како интимно лудило што го предаваме на оној другиот, за сето она што Чехов го нарекува „надеж“ да се претвори во „вистина“. На таа, бучна и резолутна „вистина“ инсистира Ивица Буљан во оваа особено интересно, до срж радикално читање на оваа „најздодевна“ пиеса на Антон Павлович. Сместена во неколку соби на поранешниот манастир на Тевтонскиот ред од тринаесеттиот век во Љубљана, реновиран од познатиот словенечки архитект Јоже Плечник, оваа претстава зборува за губењето на духот во време кога не само смислата туку и губењето на целта се главните теми и каде што немоќта на ликовите на Чехов да излезат од корупката на своите неостварени соништа се артикулира преку екстравертот на напнатоста, која на крајот станува општочовечка катастрофа. Ивица Буљан во ова свое видување на „Три сестри“ зборува токму за неостварените соништа, кои на рускиот класик му биле од особено значење. И токму значенската нишка на Олга, Маша и Ирина е мрежата во која се фаќаат сите мажи што се сноваат низ Витешкиот салон на поранешниот манастир каде што се одигрува поголемиот дел од претставата. Се чини дека Чехов никогаш не прозвучил толку актуелно, но се чини и дека не само трите сестри (во една современа лингвална конотација во насловот се „3 сестри“) туку и гледачите го препознаваат современото толкување на копнежот, кој се претворил во хедонизам, љубовта, која се претворила во страст, и надежта, која се претворила во лага. Ивица Буљан гради претстава во која како да се насобрале сите „долгоочекувани“ болести на дваесет и првиот век, кој уште на почетокот сите нас нѐ почести со чуми и измами.
Во овој концепт актерската енергија е од огромно значење. Пластичноста на Каја Петровиќ како Ирина и компримираниот гнев на Саша Павлин Стошиќ како Маша, а и студената рационалност на Александра Белмазовиќ како Олга се трите лика околу чија интимна координата се движат недоразбирањата и несовршеноста на машките примероци од кои се издвојува Ловро Зафред, кој својот Вершинин го одигрува со една длабоко доживеана референтност на едно време што поминало покрај него, а можеби и било имагинативен корпус врз кој тој го развива својот цинизам и здржан гнев. Низ овој лик, овој особено талентиран актер ни покажува дека рационализацијата на она што е околу нас не е секогаш вистинскиот избор, па така, и референцата на продукцијата на „Три сестри“ во СНГ Драма во сега веќе далечната 2013 година го повлекува тоа чкрапало на неиздржливост да ѝ се погледне на вистината в очи. Ловро Зафред има актерска гама, која совршено добро ги препознава сите валери на иронијата, која низ својата извонредна умешност успева да ја претвори во лична резигнација. Дијаметрално различен од него е Сољони на Јернеј Маркељ, лик што низ динамиката на својот актерски хабитус нè потсетува дека минливоста е начин да се пронајде таа длабоко скриена вистина во себе, всушност, овој млад и талентиран актер својата наместена „жизнерадосност“ им ја подарува на сите, не обраќајќи внимание на тоа дека утре можеби ќе го нема во тој договорен двобој со Тузенбах. Некаде меѓу тие два антипода се наоѓа секогаш „на земја“ Тузенбах, лик што во оваа режија има едно катализаторско својство: да се обиде да го реши масивното недоразбирање балансирајќи ја надежта со вистината. Гал Облак во неговиот Тузенбах можеби е единствениот вистински трагач по вистината и тој е актер чија вокална и надворешна експлицитност се совршено добро детерминирани, па така, овде, во ова видување нѐ воодушевува едно дијаметрално различно толкување на овој, најзагадочен лик во Чеховата драма, лик што Гал Облак го одигрува со исклучително голема посветеност и умешност.
Впрочем, „3 сестри ремикс“ на Ивица Буљан е претолкување на една мошне здодевна реалност, која Чехов се обидел да ја визуализира низ оваа пиеса. „Вишновата градина “ ја нарекол „комедија“, а „Три сестри“, заедно со „Иванов“ се единствените драми во неговата библиографија. Радикалноста на Буљан е предупредување, но во исто време и освестување дека почетокот на дваесет и првиот век е друга цивилизациска „мудрост“, која можеби и не е тоа, но и дека надежта можеби е некаков излез од сè. Вершинин вели: „Мислам дека сè на земјата мора постепено да се менува, и веќе се менува пред нашите очи. За двесте или триста или дури илјада години – поентата не е во точниот период – ќе изгрее нов, среќен живот. Секако дека нема да учествуваме во тој живот, но сега живееме за него, работиме, да, страдаме, го создаваме тој живот – и само во ова лежи целта на нашето постоење и, ако сакате, нашата среќа“. Ивица Буљан се сомнева во тоа, па затоа во последната сцена, облекувајќи ги актерите во бели комбинезони, ја задавува целата потреба од вистината во цикличниот текст за погубноста и за отсуството од херои во времето без логика и митологика, кој го изговорува Андреј на Јоаким Тасиќ, исто така сјајно одиграна улога, цитат од замашниот роман на Карл уве Кнаусгор „Волците од шумата на вечноста“.
Кога сме веќе кај визуелната компонента на претставата, сценографијата на Лазар Бодрожа е одличен спој на манастирскиот ентериер со деталите, кои повремено потсетуваат на тој, конзервативен Чехов, за подоцна, при крајот на пиесата, во Крижевнишката црква, да нè потсети на тоа дека сето она што се распаѓа има и своја историска референца, момент што го поврзува со костимите на Славица Јаношевиќ, која реалистичниот аспект го зела само како назнака врз која задушената шареноликост ја проникнува со темните ововременски симболистички потези.
Динамиката на претставата чија радикалност повремено и заболува, ја одредува и музичката илустрација на Игор Виќентиќ и Мирко Вичентич Полич, која брановито се менува од громогласноста на рејвот, па сè до тивката заканувачка, тензична и повремено атонална тематизираност.
Во претставата се говори на словенечки, хрватски и српски јазик, назнака што потсетува на едно време кога лингвалната варијабла нè наведуваше на интимна, а и општа поврзаност, а сега на време кога токму таа варијабла донела само крв и недоразбирање. Токму затоа контрастноста на режијата на Буљан со конзервативноста на Чехов можеме да ја согледаме низ метабекетовските двојни дна, некаде на крајот од претставата од каде што всушност сите ние ги полниме батериите верувајќи дека соништата на кои Чехов толку многу инсистира, се нашиот единствен излез: „Да, ќе бидеме заборавени. Така стојат работите. Нема ништо што можеме да направиме во врска со тоа. Работи што изгледаат сериозни, значајни, толку многу важни – ќе дојде време кога ќе бидат заборавени или ќе изгледаат неважни“, вели во еден миг Вершинин. И ние сосема го разбираме или можеби мислиме дека сме го разбрале.
Рецензија на Сашо Огненовски