Драмскиот театар ја објави годишната програма
Со годишната програма за работа на НУ Драмски театар во делот на продукцијата се планираат шест претстави, за кои е обезбеден буџет од 6.720.000 денари. Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно, во согласност со неопходните естетски критериуми, кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на Драмскиот театар.
Проектите во рамките на драмската дејност за 2026 година, во која се одбележува 80-годишнината на театарот, ги предложи директорот на Драмскиот театар, Роберт Вељановски. Првата премиера за оваа година е планирана на 7 март. Станува збор за претставата „Ова е само крајот на светот“ од авторот Жан-Лик Лагарс, во режија на Теа Беговска. „Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, ќе биде прикажана во рамките на централната прослава на годишнината во април. Потоа ќе се реализира „Федра“ од авторот Расин /„Љубовта на Федра“ Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ. Премиерата е планирана во јули, на фестивалот „Охридско лето“. „Алиса се враќа дома“ од авторката Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска, ќе биде четвртата премиера во продукција на Драмскиот театар планирана за новата сезона во септември. Претставата „Трите сестри во Москва“ од авторот Владимир Талевски, во режија на Јани Бојаџи, ќе го отвори македонскиот фестивал РУТА Скопје, во октомври. Шестата претстава со поддршка на Министерството за култура и туризам е „Рекет“, по текст и во режија на Коле Ангеловски.
































