Јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ од 5 до 12 јуни во Прилеп
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ по 60. јубилеен пат ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп. Оваa одлука ја донесе Собранието на фестивалот, на неодамнешниот состанок, при што подготовките на фестивалот се во тек. Уметничката директорка д-р Ана Стојаноска вели дека тимот активно работи фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар,
Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932), инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: „О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!“
Образложувајќи ја програмата, Стојаноска вели дека играта со зборови во која театарот е свет, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години.
– Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или: Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно: Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира. Логично е по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите „Враќање дома“, „Промени се, промени сè“ и „Смеј се и осмели се“, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја. Фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината, мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме. Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфор-зоната, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста – истакнува Стојаноска.
Годинава aвтор во фокусот е Дејан Дуковски.
– Дуковски ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм што треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. Јубилејот е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници што го создале фестивалот и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници – вели Стојаноска и додава дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.
За време на фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси по секоја претстава, а исто така ќе се реализира програмата „Драмолетање“ 2.0. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на авторот во фокус. За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова. Покровител на фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Општина Прилеп.
































