Отворена изложбата „Од семејно до институционално културно наследство“ во Истанбул

Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул беше отворена изложбата „Од семејно до институционално културно наследство – семејството Шабан“ на Музејот на македонската борба за самостојност од Скопје, а на отворањето се обратија Диме Ратајковски, директор на центарот, Елизабета Марковска, авторка на изложбата, и Џанѓул Шабан, претставник на семејството Шабан.
Изложбeната експозиција ја сочинуваат 15 изложбени паноа, со текстови и фотографии од донирани предмети на семејството Шабан, кои со својата единствена посебност доловуваат моменти и пренесуваат емоции при презентирање на традицијата и културата и овозможуваат подлабоко разбирање на ритуалите, обичаите и уметничките изрази, кои ги дефинираат нашите културни идентитети. Авторка на изложбата е Елизабета Марковска, кустос-етнолог, а соработници за реализација на проектот се Василија Чали, Ана Китановиќ, Марија Коробар и Габриела Бошкова Постолова.
– Семејството Шабан, чие наследство опфаќа генерации, неизмерно придонесе за зачувување и промоција на македонскиот развој низ годините. Оваа изложба го оживува нивниот извонреден придонес за македонското општество прикажано преку фотографии, лични артефакти, историски документи и скапоцени сувенири, секое парче сведоштво за нивниот непоколеблив дух и интелект. Оваа изложба не само што едуцира туку и разгорува чувство на гордост кај секој од нас, гордост што ја зајакнува нашата посветеност за тоа како личните дострели во животот знаат да бидат наградени и како општествени достигнувања. Оваа соработка ни овозможува да ги премостиме историските и културните врски меѓу Македонија и нашата дијаспора овде во Истанбул – рече Ратајковски.
Тој дополни дека изложбата нѐ потсетува на нашето заедничко наследство и нѐ инспирира да ги почитуваме сите оние што неизмерно создавале, твореле и работеле пред нас за ние денес да бидеме она што сме.
На отворањето се обрати и Џанѓул Шабан, потомок на семејството Шабан, со вовед во личната приказна на семејството.

– Кој можеше да замисли дека спомените што грижливо ги чувавме дома како сеќавање за татко ми, Халид Шабан (кој замина пред 22 години), ќе „проговорат“ на овој начин по толку многу години. Од 2022 г. тие ја раскажуваат семејната приказна во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, а денес, овде во македонскиот културен центар, заедно со мајка ми Исмије Шабан и тимот од музејот, преку фотографии и видео, ви ја пренесуваме оваа приказна. Неговите лични предмети, документи и фотографии сведочат за неговиот живот, а и за животот на татко му, Мустафа, роден пред 141 година, на дедо му Халил, роден пред 176 години и на неговиот прадедо Шабан Болукбаш, роден пред 226 години – рече Џанѓул Шабан и потсети на Хипократовата заклетва, која за него не била заклетва што ја стекнал со завршување на медицинскиот факултет туку била вградена во неговото битие, тоа била неговата мисија.
Уважението што го добивал од своите пациенти за возврат било најголемата награда за него. Со голема посветеност напредувал во својата кариера. Во Градската болница во Скопје работел како хирург, а потоа специјализирал во делот на ортопедијата и трауматологијата и многу години како примариус раководел со Одделот за ортопедија и трауматологија во истата болница.
– Уважение тој доби и од претседателот Тито, на свои 35 години, орден за големата пожртвуваност што ја покажал при спасувањето и санирањето на повредените во големиот земјотрес во Скопје во 1963 г. Тоа утро дома биле мајка ми и дедо ми, а татко ми бил на дежурство во Градската болница. Во 5.17 часот утрото, кога се случил земјотресот, дедо ми и мајка ми излетале пред влезната врата, го прегрнале најблиското дрво и чекале. Татко ми трчајќи дошол и само рекол: „Добри сте, живи сте“ и се вратил во болницата. Со денови потоа не го виделе. Mалкумина и во текот на својот живот и откога ќе заминат од овој свет оставаат место во срцата на луѓето со својата хуманост, емпатија и човечност. Освен кај семејството и саканите, и кај голем број негови пациенти, татко ми Халид остави трага во срцата на своите сограѓани, кои во 1994 година го дадоа својот потпис како поддршка за кандидатурата во изборот за прв претседател на независна Македонија – рече Џанѓул Шабан.
Денес, во официјалните записи во архивите на Македонија стои дека Халид Шабан е еден од четирите кандидати за прв претседател на Републиката заедно со Киро Глигоров, Љубиша Ѓеорѓиевски и Ѓорѓија Атанасовски, историски момент што има особено значење и помеѓу турскиот етникум во Македонија како сведоштво на нашето вековно постоење. В.Д.