Промовирана книгата „Гледна точка“ на Јани Бојаџи
Македонската книжевна сцена е збогатена со ново дело што ветува дека ќе остави траен впечаток – „Гледна точка“ на познатиот режисер, продуцент и сценарист Јани Бојаџи. Оваа книга спојува научна анализа со белетристички елементи, со што е наменета за сите љубители на филмската уметност, без разлика дали се професионалци или ентузијасти. Книгата „Гледна точка“, која беше промовирана во Кинотеката на Македонија, е комплексно дело што ги истражува уметноста и техниката на филмот од научен и практичен аспект. Бојаџи успева да ја прикаже кинематографијата низ призма што ќе инспирира и професионалци и љубители, со што создава дело што е истовремено и учебник и извор на инспирација.
– Книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот. Но јас ја адаптирав на ниво на белетристика за да може да ја чита не само читател што е инволвиран во уметноста на филмот, туку и најобичен читател – вели Бојаџи.
Промоторот на книгата, Александар Русјаков, истакна дека „Гледна точка“ нуди можност за читање на повеќе нивоа: како стручна литература, како учебник за студентите и како инспиративно дело за сите љубители на филмот.
– Кога ја зедов книгата, првата мисла ми беше дека се наоѓам пред научно дело што бара концентрација и посветеност. Но како што напредував низ страниците, сфатив дека тоа не е обично научно четиво. Тоа е книга што се чита со леснотија и инспирација, бидејќи секоја страница носи нова перспектива и ново разбирање на филмската уметност. Она што Бојаџи го постигнал е нешто што ретко се гледа – спој на длабока стручност и лесен наративен стил што ги повикува читателите да размислуваат, но и да се восхитуваат – додаде Русјаков.
Со многу љубов и посветеност, Бојаџи ја напишал книгата врз основа на трудови објавувани во научни списанија во последните десет години. Во неа, како што самиот истакнува, се содржани стотици цитати од познати филмски дела и автори, што дополнително ја збогатува и ја прави привлечна за сите што сакаат да проникнат подлабоко во светот на кинематографијата.
На промоцијата, која беше посетена од голем број љубители на филмот и литературата, присутните имаа можност да проследат и премиерна проекција на трејлерот за новиот игран филм на Бојаџи, „Утре наутро“. Трејлерот ветува современа политичка драма, која, според впечатокот од присутните, ќе предизвика силни емоции и размислувања кај публиката. В.Д.