Премиерно одиграна претставата „12“ во МНТ
Со бурни аплаузи публиката ги испрати дванаесеттемина неприкосновени актери и режисерот Синиша Евтимов, кои на публиката во МНТ ѝ овозможија ретко театарско искуство. На големата сцена во вторникот се случи долгоочекуваната претпремиера на претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите („12 гневни луѓе“) од Реџиналд Роуз, а во средата и официјалната премиерна изведба. Евтимов ја обедини најмоќната машка актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).
Дванаесетте великани на македонскиот театар собрани на едно место приредија на сцената 12 извонредни актерски остварувања, а публиката со својата реакција го потврди она што и се очекуваше – ретка театарска претстава што уште долго ќе се игра и гледа. По премиерата, станува сосема јасно и оправдано од каде толку голем интерес за оваа претстава. Сите изведби се распродадени до пролет наредната година. Одамна не е виден толку голем интерес за некоја претстава, а онлајн веќе се купуваат билети и за мај.
Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишник обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности. Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот што се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8… Ова е само почетокот на драмското дејство, кое се менува со молскавична брзина, а со тоа и крајниот исход на поротниците, кој е сосема неочекуван. Динамична до самиот крај, претставата „12“ е одлично режисерско видување на култниот текст на Реџиналд Роуз.
Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото е Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ колектив“. В.Д.