Иван Ивановски, автор на „Еден од нас“

Изложбата „ Еден од нас“ на македонскиот уметник Иван Ивановски беше поставена во Меморијалната сала и изложбениот излог на Музејот за сликарство на школата „Лингнан“, Академија за фини уметности во Гуанџоу, Кина.
Во описот на изложбата „Еден од нас“ се зборува за една фигура што се издвојува од другите – фокусна точка, аномалија и се поставуваат прашањата: Дали е ова еден од нас? Или еден од нив? Кои сме ние? Кој е тој? Кој сум јас? Изложбата е дел од проектот „In Between“, кој ќе биде изложен во музејот на уметноста „Сан Та“ во Гуанџоу, Кина, во ноември годинава.

Како се роди идејата за изложбата „Еден од нас“?
– Кога тргнав во Кина имав цел да се претставам и искуминицирам со локалната публика. Си зададов една широка тема – In Between, зашто се најдов помеѓу Истокот и Западот, два различни система, култури и перцепции на реалноста. Еден сегмент од тоа беше предизвикот на заемното прифаќање, интеграција во секојдневниот живот, а „Еден од нас“ го доловува тоа преку мојот уметнички израз.

Зошто ја избравте токму силуетата како главен визуелен мотив во делата?
– Изборот дојде спонтано, веројатно зашто користев кинески туш и четки за калиграфија, техника што го дефинира визуелниот изглед во овој сегмент.

„Еден од нас“ е интерпретација на вклучувањето и одвојувањето. Како тој контраст се манифестира во делата? И како преку вашата уметност ги истражувате темите на самосвеста и индивидуалноста, особено во контекст на постојаното редефинирање на себе во однос на другите, идентитетот и припадноста?
– Дел од мојата уметничка пракса е базиран на социјални теми, предизвик беше да работам и рефлектирам на локалниот контекст. Мојот израз е фигуративен, а медиумот и начинот на кој работев – отсуството на детали и специфики идејно се вклопи во темата на изложбата. Фигурата се претвори во симбол што претставува парадокс: присуство и отсуство. Од анонимен, занемарен или избришан до функционален и интегриран ентитет. Силуетата е симбол на секого, а со тоа ја истакнува тенката линија помеѓу личниот и колективниот идентитет.

Каков беше процесот на подготвување на изложбата за Музејот за сликарство на школата „Лингнан“ во Гуанџоу и како дојде до соработката токму со Кина?
– Во Кина се Александра Ацеска и Даниел Коцев, двајцата веќе етаблирани уметници со успешна кариера, се запознав и со локални уметници, куратори, љубители на уметност преку мрежата Art Net Community – проект на Ацеска.
Во Кина бев два и пол месеци, во тоа време наизменично работев на мојот проект, сликав, цртав, изработував скулптури, посетував места и настани и запознав луѓе од уметничката сцена, меѓу кои Ѕин-Цонг и Хуго – професори на GAFA, кои работат во музејот „Лингнан“ на Академијата за уметност во Гуанџоу, на чија покана ја реализирав оваа изложба. На почетокот идејата беше да се постават неколку дела во изложбениот излог, но им се допаднаа делата и решивме да ги поставивме внатре во салата. Тоа што требаше да биде мало претставување пред изложбата во „Сан Та“, излезе солидна изложба.

Како е да се изложи и да се биде дел од еден сосема различен културен контекст?
– Возбудливо. Тоа што го работам резонираше со тамошната публика, мојата одлука да креирам наместо да одам со готови дела и сето ова да биде дел од процес во кој ќе се развива, надградува и документира идејата, да биде некој вид патопис, беше добро примена. Александра и мојот нов пријател Веи ми помогнаа многу во процесот на подготвување, поставување, превод на текстови и организација на настанот.

„Еден од нас“ е дел од поголем проект – „In Between“. Што може да очекуваме од следниот чекор во ноември 2025 во музејот „Сан Та“?
– Станува збор за голем простор, кој ќе биде предизвик да се исполни со содржина, дел од сегментите предвидени да ги изложам е веќе идејно заокружен, но имам уште многу работа. Покрај „One of Us“, ќе бидат изложени серијалите: „Papertrails“ – цртежи на весници, преработени преку софтвер за превод на начин на кој се манипулира со сликата и се генерира текст; „Overlap“ – просторна визуелна инсталација каде што во фокус е интеракцијата; „Just Numbers“ – композиција од скулптури; и „Mirages“ – слики/цртежи на платно. Сите овие сегменти се меѓусебно поврзани и рефлектираат на социјалната динамика. Во план е и изработка на публикација – арт-книга што ќе биде документ за проектот и патувањето.

Што сакате да понесе публиката со себе откако ќе ја види изложбата?
– Секогаш сакам моите дела да инспирираат и да поттикнат дискусија. Дали сум еден од нас или еден од нив? Кои сме ние? Кој е тој? Кој сум јас? – сето тоа се забавни и провокативни прашања во сѐ пополаризираниот свет во кој живееме.

И, кој е „еден од нас“ според Иван Ивановски?
– Еден од нас, меѓу другото, е и супер музички бенд!