Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски, како организатор на мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија Анте Поповски.
На својот втор состанок, комисијата за доделување на наградата во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (претседателка), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), како поетски книги што се издвојуваат по својот квалитет ги селектираше следните седум збирки: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски, „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети што творат на македонски јазик и е потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следните пет збирки: Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“, Ива Пуовиќ – „Полет“, Мартина Костадиноска – „Пијавици“, Нино Наумовски – „Индиго солзи“ и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во следното соопштение, комисијата ќе ги соопшти добитниците на наградите „Антево перо“.