Почнува фестивалот РУТА во Драмскиот театар во Скопје
Седум хит-претстави од регионот гостуваат на сцената на Драмскиот театар од 25 до 31 октомври. Ревијалниот театарски фестивал на театрите членки на Регионалната унија на театри (РУТА) започнува в сабота, 25 октомври, со копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“, во режија на Иван Пеновиќ, по текст на авторот Душан Јовановиќ. Во копродукцијата учествуваат ансамблите на Драмскиот театар од Скопје, Београдско драмско позориште, Градскиот театар од Љубљана и Центарот за култура од Тиват. Улогите во претставата, која е правена во формат на комедија дел арте, им се доверени на актерите: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
В недела, 26 октомври, се игра претставата „Ќелавата пејачка“, во која режијата, адаптацијата и изборот на музика ги направи најнаградуваниот регионален режисер Јагош Марковиќ. Претставата е еден од неговите последни проекти, откако пред две години Јагош за жал нѐ напушти. Текстот на „Ќелавата пејачка“ е на Ежен Јонеско, а ликовите ги толкуваат регионалните актерски ѕвезди: Олга Одановиќ, Бранко Видаковиќ, Дубравка Дракиќ, Момчило Оташевиќ, Сандра Бугарски и Бранимир Поповиќ. Продукцијата е на Центарот за култура од Тиват.
Драмскиот театар од Скопје на РУТА ќе настапи на 27 октомври, со својата најнова претстава работена по филмското сценарио на истоимениот филм „Куршуми над Бродвеј“. Премиера на претставата ќе се одржи на 18 октомври. Режијата е на Ненад Витанов, а улогите им се доделени на актерите: Игор Стојчевски, Александра Павлова Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Јелена Жугиќ, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Сашо Тасевски, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Енис Билаловиќ и Мартин Мазнев.
„Повеќе од игра“ е претстава со која годинава ќе гостува Београдско драмско позориште во вторник, на 28 октомври. Претставата е адаптација на сценариото на Слободан Стојановиќ, работено за истоимената култна телевизиска серија во бившата држава. Режисер е Иван Вуковиќ. Адаптацијата ја направил Ѓорѓе Косиќ, а во над 20 актерски улоги во овој сценски спектакл во траење од четири часа ќе играат: Миодраг Радоњиќ, Јана Бјелица, Милан Чучиловиќ, Милорад Дамјановиќ, Андреј Шепетковски, Милан Колак, Љубомир Булајиќ, Даниел Сич, Иван Зариќ, Стефан Радоњиќ, Александар Алач, Риста Милутиновиќ, Арсеније Арсиќ, Александар Јовановиќ, Никола Мијатовиќ, Јана Милосављевиќ, Јово Максиќ, Стефан Старчевиќ, Бојана Стојковиќ, Ања Јосифовски, Ања Ќурчиќ, Вукашин Јовановиќ и Љубинка Клариќ.
В среда, на 29 октомври, публиката ќе ја проследи копродукцијата на театарот „Улисис“, „Колектив Игралке“, „Куќа Нахеро“ и „Маска Љубљана“. „Мајки“ е авторска претстава на „Колектив Игралке“ и режисерката Рајна Рацз. Улогите се доверени на актерките: Сенди Бакотиќ, Ана Марија Брѓановиќ, Маја Лежаиќ, Рајна Рацз, Ања Сабол и Ванда Велагиќ.
„Три милиони минути“ е претставата на Градскиот театар од Љубљана. Словенечкиот ансамбл ќе настапи в четврток, 30 октомври. Режисерка и авторка на адаптацијата е Барбара Хиенг Самобор, а претставата е работена по филмското сценарио за филмот „7 години“ на авторот Хозе Кабеза. Улоги: Јудита Зидар, Тјаша Железник, Мојца Функл, Дијана Коленц и Клара Кук.
Честа да го затвори годинашниот фестивал РУТА во Скопје ја има ансамблот на театарот САРТР од Сараево. Тие на 31октомври ќе ја играат претставата „За цел живот“ на авторот и драматург Бењамин Хасиќ. Режисер е Јасенко Пешиќ. Улогите во претставата ги играат: Сеад Пандур, Давор Сабо, Аднан Кресо, Кемал Ризвановиќ, Јасенко Пашиќ и Дино Хамидовиќ.
Годинава е четврто издание на фестивалот РУТА во Скопје. Сите претстави почнуваат во 20 часот.




































