„Танц-фест Скопје“ и Францускиот институт во Скопје информираат дека по иницијатива на примабалерината Роксан Стојанов, ѕвездата на Париската опера, се воспоставува наградата „Роксан Стојанов“ за млади балетски уметници, со цел да се охрабрат идните македонски таленти.
Овој натпревар во организација на културниот центар „Интерарт“, во соработка со Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, ќе биде отворен за млади балетски уметници помеѓу 16 и 20 години, кои ќе може да депонираат свои кандидатури во текот на есенва и ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми.
Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална и однапред одредена програма што тие ќе ја изведат во живо, пред интернационално жири, во текот на „Скопје танц-фест“, во периодот од 15 до 20 април 2026.
Наградениот уметник/ца ќе има можност да престојува една недела во Париз, Франција, престој под менторство на ѕвездата Роксан Стојанов што вклучува часови и професионални средби.
Наградата „Роксан Стојанов“ ќе има почесен одбор, кој ќе придонесе со својата работа за развој на оваа иницијатива во земјава, но и на регионално ниво, на Балканот.
Роксан Стојанов е извонредна уметница, која својата танцова кариера ја започнува во Скопје, а понатаму се развива низ европски школи, влегува во Школата на Париската опера и се оформува како уметница со високи уметнички перформанси. Во декември 2024 година таа е прва балерина од македонско потекло што е прогласена за ѕвезда на Париската опера. Во април 2025 година ја доби наградата Менада за извонредни достигнувања во областа на танцот, на 21. издание на фестивалот „Танц-фест Скопје“. Во својата кариера Роксан Стојанов изведува врвни улоги во дела од класичниот и современиот репертоар на Париската опера, со која гостува на интернационалната сцена низ Европа, Америка, Кина и Јапонија.