Во рамките на богатата културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата за 2028, во галеријата „Ко-ра“ во домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, вечерва во 19 часот, се отвора изложбата „Маѓепсани соништа“ на Виктор Бранѓолица. Ова е можност публиката да ја посети изложбата со која Виктор Бранѓолица се претстави и во Виена во Амбасадата на Македонија во март 2025 година. Проектот е поддржан од Град Скопје и од ЈУ дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје во рамките на годишната програма за визуелни уметности, дизајн и архитектура за 2025 година.
Предговорот во каталогот кон изложбата е на Виолета Калиќ.
Виктор Бранѓолица е роден во Скопје во 1996 година во уметничко семејство. Дипломира во 2021 на Европскиот универзитет за арт и дизајн како графички дизајнер. Учествува на повеќе групни изложби и на факултетот, но активно е присутен и на голем број групни изложби и други проекти, често и од ангажиран карактер во земјата и надвор. Со уметницата Марија Светиева има реализирано и самостојна изложба надвор од земјата во Амбасадата на Македонија во Виена.
– Неговите дела се впечатливи според неговите истражувања на изразните можности на фотографијата и дигиталните медиуми, според техниката со која постојано експериментира и остварува посебни ефекти, а најчесто се непосредно инспирирани од неодминливата убавина на природата, како од регионот така и пошироко, како сегменти на импресии, како вид патописи од медитеранските крајолици – истакна Виолета Калиќ за изложбата.