Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ ја отвора изложбата „Кво вадис“ на академската сликарка Валентина Поцеска, денеска, од 19 часот.
– Во изложените дела на Поцеска доминираат три геометриски форми, триаголникот, кругот и квадратот. Според нејзиниот уметнички и духовен сензибилитет, овие форми се „врската“ меѓу физичкото и духовното. Од една страна, тие претставуваат физички фигури врз кои се темелат основните архитектонски закони, а од друга страна, секој од нив е симбол за определена духовна димензија. Од христијанска толковна точка кругот е симбол на вечноста, триаголникот на Светата Троица, а квадратот на правдата и на вистината. Оваа интуитивна „теолошка“ беседа на Поцеска станува повпечатлива со не толку честото, но значително, вклучување и на фигурата на крстот – најважниот христијански симбол. Колажните апстракции на Поцеска се втемелени во катафатичките физички феномени и конципирани преку апофатичките метафизички идеи – вели за изложбата Коста Милков.
На изложбата ќе се обратат рецензентот Коста Милков и директорката на галеријата „Метаноја“, Нада Милкова.
Валентина Поцеска е родена во 1965 во Скопје. Во 1987 дипломирала на ФЛУ во класата на проф. Димитар Кондовски. Од 1992 работи во „Националниот конзерваторски центар – Скопје“ во Одделот за конзервација на икони.