Во тек се завршните подготовки на 17. самостојна изложба на уметникот Страхил Петровски, која ќе биде отворена утре, во 18 часот, во прекрасниот салон на Амбасадата на Македонија во Париз, а ќе ја отвори в.д. амбасадорот Африм Јашари, во присуство на претставници од дипломатскиот кор на другите амбасади во Париз, а поканети се и колеги и драги пријатели на уметникот што живеат и работат во Франција.
– Пред париската публика ќе се претставам со видеоинсталација/проектот „Синергија во времето“, кој беше реализиран на Спомен-костурницата во Велес во октомври, во рамките на проектот, Европски денови на културното наследство, на темата „Одржливо наследство“. Куратор на проектот е Златко Теодосиевски, историчар на уметноста, а проектот е поддржан од Министерството за култура на Македонија и македонската амбасада во Париз – вели Петровски.
Престојот на уметникот во „Сите дес артс“ и изложбата во Париз се реализираат како резултат на добиената награда гран при на годинашниот Зимски салон на ДЛУМ. Изложбата ќе биде поставена до 24 декември.
– Ако кажале дека Париз е најубав и најсветол во секој период од годината, тоа е така навистина, а особено во овој период од годината пред Божиќ и пред Нова година. Шармантен, осветлен, блескав и украсен, со што е потенцирана уште повеќе неговата грандиозност во секоја смисла. Прекрасни поставки, квалитетни изложби по музеите, настани, концерти, новогодишни базари, божиќно и новогодишно расположение на секој чекор со туристи од целиот свет… Како кризата да не се чувствува овде… впрочем, еден и единствен е Париз – ги споделува Петровски своите впечатоци.