Фото: Општина Кавадарци

Со завршната трета вечер како круна на фестивалот синоќа заврши шестото по ред издание на Меѓународниот фолклорен фестивал насловен како „Кавадаречки фолклорни средби“. Заеднички именител на сите три фестивалски вечери беше прекрасниот фолклор на сите анасмбли кои учествуваа, бројната и задовона публика која уживаше во комплетниот сценски настап кој се одвиваше на градскиот плоштад во Кавадарци. Организатори на фестивалот се Домот на културата „Иван Мазов Климе“ заедно со фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ подржани од Министерството за култура, Локаалната самоуправа Кавадарци и бројни општествено одговорни компании од градот домаќин на фестивалот.

Фестивалските вечери започнуваа со дефиле низ улиците на градот на сите фолклористи учесници што претставуваше предизвик повеќе не само за вистинските љубители на фолклорот туку и случајните минувачи да го проследат настапот на прекрасните ансамбли. Публиката имаше можност да ги проследи настапите на помладите постави на фолклорните ансамбли „Тиквеш“ од Кавадарци, „Мирче Ацев“ од Прилеп „Јане Сандански“ од Неготино“, „Мирка Гинова“ од Демир Капија, потоа КУД „Радовишанки етно“ од Радовиш и како вистинска атракција ФА „Читлалкоатл“ – Тореон од Мексико, и ФА „Пилиароже“- Каунас од Литванија заедно со атратктивниот оркестар.

Наспроти прекрасните и разновидни народни носии и ритми на ансамблите од Македонија публиката уживаше во прекрасната игра и костими на фолклористите од Мексико и Литванија, меѓутоа ново откритие со својот атрактивен настап приредија младите фолклористи од Турција од ФА „Анкара Џансу“ кои со гордост ја негуваат и претставуваат турската народна традиција, стремејќи се да ја сочуваат во нејзината изворна форма и да ја претстават пред пошироката јавност во Турција и во странство.

Вистинскиот интензитет и кулминација кавадаречките фолклорни средби го покажаа на третата фестивалска вечер во која бликаше младоста и професионалноста во изведбата кога ФА „Тиквеш“ премиерно ја изведе новата кореографија „Радовишки собор“. Затоа беше вистинска привилегија да се биде дел од публиката на овој фестивал која полека станува традиција и вистински бисер од културните настани во рамките на „Кавадаречко културно лето“.

Мирјана Мукаетова