Популарниот Саша Милошевиќ- Маре, српски композитор и текстописец со блескава кариера, меѓу останатото, тој е еден од авторите на песната „Молитва“, со која Марија Шерифовиќ победи на „Евровизија“, е член на жирито на годинашното, 31-во издание на„Охрид фест“.
– Драго ми е што сум дел од жирито. Ја сакам Македонија, луѓето, ја сакам вашата природна топлина, љубезност, заљубен сум во вашата музика а имам и многу пријатели тука. Да си член на жири е голема одговорност, и таа улогата не е секогаш многу омилена. На пример, во музичкото шоу „Никогаш не е доцна“, моите искуства се во функција да им помогнам на учесниците, но и таму покрај врвни пејачи има и многу аматери. За мене е магија кога ќе препознам талент, кога некој знае да ја пренесе емоцијата и има глас. Тоа е совршена техника и знак дека некој „ја поминува рампата“. Сигурен сум дека и на „Охрид-фест“ ќе има такви таленти, тоа го сметам како предуслов за успех – вели Маре.
Инаку, ова не е е прв пат тој да е дел од фестивалот. Во 2007-та, исто така бил во жирито на „Охрид фест“, истата година кога со песната „Против срца“ настапи групата „Бјути квинс“, со која Саша Милошевиќ- Маре успешно соработува, а ја придружуваа и Марија Шерифовиќ на „Евровизија 2007“ во Хелсинки.
М.Т.