Во Културно-информативниот центар на Mакедонија во Загреб се реализира самостојната изложба на уметникот Синиша Новески, насловена „Мистерија и индивидуализам“. Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура.
Во изложбениот простор на информативниот центар се претставени 12 скулптури. Изложбата ќе биде достапна до 30 мај. Оваа изложба го дополнува богатиот календар на настани во 2024 г. во доменот на културната дипломатија на Националната галерија.
– За мене убавината не е она што го гледате кога гледате скулптура, туку она што го чувствувате. Во уметноста нема правила, а не постои ниту строго дефиниран процес за создавање скулптура. Уметникот е свој господар и си создава свој свет како што сака и како што го знае. Како студент работев со живи модели и се фокусирав на реализмот. Така бараа професорите од нас, за да ги научиме основите на скулптурата. Дури во четвртата година на студии добивме задача да создадеме скулптура во наш стил. Тоа беше неверојатно тешко, не само за мене туку и за секој студент – да најде нешто оригинално и креативно. Моите први скулптури беа од мермер и дрво, како скулптурите на моите професори, но не уживав да работам со овие материјали, беа многу рестриктивни за мене. Потоа, еден ден, додека седев во мојот работен простор опкружен со остатоци од метал, дрво и камен останати од скулптурите што ги направив, ми дојде идејата да го исчистам просторот земајќи ги сите остатоци и претворајќи ги во скулптури. Тоа беше почетокот на мојата оригинална работа. Ги користев овие парчиња за да обликувам скулптура инспирирана од македонскиот „фолклор“ – традиционална облека, ора и песни. Наедно, уживав во идејата дека овие скулптури се еколошки, претворајќи го отпадот во нешто убаво и трајно – споделува Синиша Новески.
Откако го завршил академското образование во 2002 година, Новески почнал повеќе да се фокусира на истражување на човечката форма.
– Мојата прва самостојна изложба, инспирирана од работата на некои од најголемите скулптори и убавината на женската форма, се состоеше од женски фигури, кои ги извајав во глина, а потоа ги излеав во полимермер. Со текот на времето, човечките фигури продолжија да ми ја даваат мојата најголема инспирација, но мојата работа сѐ повеќе се стилизираше, прво со јасни и чисти форми што носат посебна порака, а сега, во моето последно дело, со поизразени, надреални интерпретации. Мојата серија „Парови“, создадена во 2012 година, се фокусираше на меѓусебната поврзаност на нештата, како што се „Мудрост и љубопитност“ или „Татко и дете“ – дополнува Синиша Новески.
Насловот на изложбата „Мистерија и индивидуализам“ не е случаен.
– За време на пандемијата, бидејќи мојата сопруга, ќерка и јас бевме како свет за себе, семејството неизбежно стана доминантна тема во мојата работа. Секоја нова скулптура стана не само експеримент во стилот, формата и материјалот, туку и истражување на близината и далечината, физички и емоционално – сподели авторот со кураторката на проектот Маја Крстевска, виша кустоска во Националната галерија.
Голем број скулптури на Синиша Новески се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во Македонија, Србија, Бугарија и во Соединетите Американски Држави.
Тој изложувал на повеќе од дваесет самостојни изложби и на повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, актуелен член во Уметничкиот совет, како и на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Има учествувано на повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми, освоил исто толку награди како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско педагошко работење со студенти.