Денеска, во 19 часот, во изложбениот простор на македонската амбасада во Виена, ќе се отвори самостојна изложба на графики на Билјана Билбилоска, со наслов „Меморија на невидливото”. Изложбата ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Виена, Освит Росоклија.

Помеѓу структурата и тишината, овие дела го истражуваат кревкиот дијалог помеѓу светлината, сенката и сеќавањето. Геометриските форми се појавуваат и се раствораат, откривајќи траги од она што не може да се види, но длабоко се чувствува – тивката архитектура на сеќавањето. Секоја композиција станува место каде што сеќавањето се задржува, помеѓу видливото и невидливото.

Ова е 14. самостојна изложба на Билјана Билбилоска. Досега самостојно се претставувала во Македонија, Србија, Хрватска и Франција. Остварила студиски престој во Меѓународниот град на уметностите во Париз, Франција, а била учесник и на интернационалната резиденција „Монферато” во Италија.
Во моментов е на мастер студии на Институтот ИНАЛКО во Париз.