„Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиовска, во режија на Кристина Димитрова, е новата премиера што се одигра во театарот „Војдан Чернодрински“. Драматург е авторката на текстот, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, додека за музиката беа задолжени Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Во претставата играа Дилип Јездиќ како Саатот, Димитар Ѓорѓиовски (Јован) и Наташа Ачански (Вера) со вокалната придружба на Ана Митоска.
Текстот е праизведба и во претставата се говори за персонифициран ѕиден часовник што е дел од животот на една брачна двојка – постојано ги следи, им го окупира просторот и буквално им го одбројува времето.
– Проблемот започнува токму од нивниот различен однос кон времето: додека мажот е спокоен и нема проблем со присуството на саатот, на жената ѝ пречи неговото непрекинато чукање, ја прави нервозна и премногу свесна за поминувањето на времето. Таа упорно го наведува сопругот да заминат некаде и да почнат да прават нешто значајно со своите животи пред да биде предоцна, но каде и да оди, што и да прави, таа не успева да се ослободи од чукaњето на саатот. Времето не гарантира смисла – ни овде, ни никаде – велат од театарот „Војдан Чернодрински“.
Центарот за култура, односно театарот, ја реализира оваа претстава со поддршка на Министерството за култура и туризам и говори за судирот меѓу објективното и субјективното време, кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.
„Саатот“ е првата претстава на театарот „Војдан Чернодрински“ годинава, а ќе следуваат уште четири поддржани од Министерството за култура и туризам. Ка.М.