Кон претставата „Без фанфари“, музичка претстава во режија на Самјуел Ашаш, а во продукција на театарот „Буф ди Нор“ од Париз, Франција. Главни улоги: Гурим Шоа, Лионел Греј, Сара ле Пикар, Флорент Ибер, Лео-Антонен Лутиние
Рецензија
Музичката драма на Самјуел Ашаш нè наведува на помислата дека зборот во театарот открива, а и затскрива. Имено, секоја ретка реплика на оваа претстава импонира со својата излишност. Иако контроверзно, ова тврдење е многу продуктивно, затоа што целата претстава „Без фанфари“ е градена од излишни конструкти, кои во компактниот концепт на Ашаш се однесуваат како делови од настан чија органика е цврсто затегната од посветеноста на режисерот кон поетиката на деструкцијата. Секако, најцврстата подлога на претставата се музиката и музичкиот состав што на публиката како лек ѝ ги нуди Шуман, додека актерите како неизлечива болка ја нудат личната дисторзија, која Ашаш ја презентира преку рушењето на една куќа. Во пресекот на таа куќа низ музиката на Шуман се случува најголемата човечка катастрофа, а тоа е катастрофата на неговиот ум. Зошто човекот го уништува она што самиот го создал? Зошто бракот при распаѓањето веднаш се претвора во колатерална штета? И многу други прашања ви поминуваат низ главата додека музичката „без фанфари“ или „без тапан“ како што стои во буквалниот превод на насловот ја отвора низата од сцени што ги слават неконзистентноста и отворањето на проблемите меѓу мажот и жената, но и нивниот неизбежен колапс.
Претставата почнува крајно реалистично со обична ситуација на миење чинии и навидум прозаичен конфликт меѓу мажот и жената, кој подоцна се претвора во тактично дезинтегрирање на домот. Куќата се руши како кула од карти, но тоа рушење има и своја поетика, како и историски аспект. Имано, Самјуел Ашаш, кавгата што ја започнуваат мажот и жената ја пренесува на многу места, правејќи заедно со визуелниот пресек и суштествен пресек на една сосема неуспешна цивилизација, која музичките делници се обидуваат да ја вратат на своето место. Покажувајќи го примерот на историските деконструкции и реконструкции, „Без фанфари“ нѐ потсетува дека нашиот порив за уништување е само идеја за создавање нешто друго.
Во оваа претстава како актерска партија се појавува и Спинел, писател, кој за сопругата, чиј дом се руши, е дополнителен предизвик, но и дополнително премреже. Спинел конечно се обидува да спаси нешто (иако публиката очекува љубовен триаголник), но деструкцијата е секогаш неизбежна несреќа кога се во прашање родовите односи. Шумановата музика можеби не го решава целиот проблем, но создава една дистанца што нѐ наведува да помислиме на филмовите на Еторе Скола, големиот италијански филмски режисер, кој исто така не му верувал многу на зборот, туку на едноставноста на движењето и поттикот на музичката подлога. Петчлениот оркестар исто така е релевантен актерски чинител, кој му додава една фарсична димензија и го раздвојува катастрофичниот контекст од хуморниот. Но колку има хумор во сето ова, во овој театарски чин, многу успешно создаден од излишни дејствија и донесен до врв на лудост? Куќата е срушена, а на рушевините се создава „можеби“ нова љубов. Хуморот е дистанца, но многу повеќе е лек ако навлегуваме во значенскиот простор каде што домот е за сите, само не за оној што живее таму.
„Без фанфари“ е претстава што се потсмева на многу суптилен начин и на секојдневието. Можеби затоа и започнува со миењето чинии, а можеби музиката е она што ни недостига на сите нас за полесно да се справиме со сивилото на денот, кој ни е исто така излишен, како и дејствијата во претставата.
И тоа е токму така. Самјуел Ашаш гради претстава што не е бучна, таа е „без фанфари“, „без тапан“, без нешто што предизвикува трауми, но факт е дека куќата е срушена и бездомните немаат што друго да прават, освен да водат љубов. Покрај прекрасната актерска експресија на Лионел Греј (Мажот) и на Сара ле Пиакр (Жената), со која и двајцата се обидуваат да се убедат дека не е крај на светот, како и на одличната фарсична игра на Лео-Антонен Лутиние (Спинел), оваа претстава импонира и со живописноста и совршена функционалност на сценографијата на Лиза Наваро, како и со колоритната костимографија на Паулина Кифер. За Шуман и да не зборуваме. Меѓу другите, ги слушнавме и песните од неговиот бесмртен циклус „Поетовата љубов“.
„Без фанфари“ е претстава за цикличноста на конструкцијата и деконструкција, можеби и за наоѓањето на смислата на животот, потрага што никогаш нема да заврши. Самјуел Ашаш со оваа претстава е сè поблиску до една дистопија, која никако не може да се ослободи од реализмот, од опипливоста и конечно, од натуралистичноста, која изгледа дека е понедостапна од дистопијата. Неа можеме да ја замислиме затоа што никогаш не сме ја виделе, а ова што го видовме и нè воодушеви е многупати видено, но никогаш незабележано. Затоа е тука театарот, да ни ја подари уметноста што конечно ќе ја сруши безличноста и ќе нè потсети дека духовното богатство е најголемо. Без него не постоиме.