Русе Арсов, в.д. директорот на МКЦ во Скопје се повлекува од функцијата.
– По три и пол години, премногу љубов, страст и жар, не издржа срце јуначко, па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција. Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50 отсто – вели Арсов.
Последните три и пол години, како што истакнува, МКЦ реализираше најубави кинопроекции на кров на ГТЦ, во Парк, на Езерце, а го направи и најголемото кино на отворено со проекцијата на „Исцелител“ во Градски парк.
-Отворивме нова градска летна сцена во Паркот МКЦ, отворивме три графити и стрит арт галерии, а цртавме мурали и во Ибни Пајко. Ја поведовме иницијативата „Култура во време на корона“, која беше пример и поттик и за другите регионални метрополи, МКЦ стана членка на ФИАФ, стана членка на Лајвјуроп. Беше дел од уште неколку европски проекти и програмски соработки, а беше домаќин и на Урсула фон дер Лајен. Секако ги реализравме фестивалите, МОТ, Синедејс, Здраво Млади… Ги реновиравме и тоалетите во МКЦ – стои во информацијата од Арсов.
Само во 2021 и покрај пандемијата биле реализирани преку 650 настани.
-Пополека стануваме препознатливи и по поддршката на независната театарска сцена… Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта… И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета! И додека ги градевме убавите работи, четри години континуирано се дружевме и со Финансика полиција, и со јавно обвинителство, и со разни ревизии… Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани. Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам – вели Арсов.
Тој информира дека се повлекува само од функцијата вршител на должност директор, но останува во МКЦ, а за тоа има и одличен повод – да помогне за јубилејот 50 години МКЦ.
На следниот директор му порачува да не се грижи, МКЦ не е загубар!
-МКЦ и покрај пандемијата, кога сериозно беа намалени приходите од влезници и производи, и кога сериозно беа намалени дотациите за режиските трошоци, успеа со максимум од своите можности да ја даде својата поддршка на целата независна сцена – и на крај повторно да ги плати сите свои сметки и да забележи позитивно финансико работење. Па така, во следната јубилејна година да пренесе сопствени средства во висина од 4.000.000 денари, и уште толку се’ уште ненаплатени побарувања. За оние кои раководат културни институции јасно им е дека ова е сума за почит, на што сме посебно горди – пишува Арсов.
Тој се заблагодарува на сите колеги кои, како што вели, „и после сите притисоци успеајаа да останат најголеми професионалци“.
– И бидејќи никогаш претходно не го направив ова, фала и на сите соработници, гости и пријатели, кои јавно ја даваат својата поддршка на нашето работење, но и кои не потпаднаа на сите клевети, и лаги и гадости кои беа за мене и за нас како МКЦ јавно изнесувани – вели Арсов.