Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој се одржа викендов во центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во своето обраќање, истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.
– Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите по должината на оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа – изјави Љутков.
За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат. Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.
На саемот учествуваа околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и центарот „Јавна соба“. Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на саемот присуствувале и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите беа обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.
































