На средба меѓу писателите и читателите во книжарницата „Три“, посветена на второто издание на романот „Тони“, македонската современа писателка Румена Бужаровска доби признание за најчитана авторка во 2024 година во оваа книжарница. Од издавачкиот центар информираат дека со книгите „Чкртки“, „Осмица“, „Не одам никаде“, „Мојот маж“, „Господ, па Америка“ и „Тони“, Румена е најчитаната авторка, со продадени над 4.000 примероци во текот на изминатата година.
– Верувам дека не е точно дека не се чита и посебно не верувам во митот дека младите не читаат. За мене ова признание покажува дека луѓето читаат и посебно ми е драго дека сѐ повеќе читаат македонска книжевност. Мислам дека тоа е тренд што никогаш нема да престане – рече Бужаровска при доделувањето на признанието.
На книгокругот без цензура, инаку дел од книжевната програма во рамките на „Зимскиот фестивал на книгата“, се собраа читатели што на авторката ѝ поставија прашања за средовечниот рокер од Скопје, кој ги поттикна читателите да размислуваат за значењето на личната одговорност во локален и современ контекст. Зборувајќи за инспирацијата за „Тони“, Бужаровска истакна дека таа дошла од таквите ликови во нашата непосредна близина и дополни дека и преведувачите од Србија и од Хрватска, кои сега го преведуваат романот, препознале свој Тони во ликот.
– Јас многу се грижам јазикот да го отсликува времето и ми беше многу важно на таков јазик да е напишан романот, зашто секоја книга е и документ на едно време. Сакам книгата да е жива – истакна Бужаровска.
„Тони“ е во конкуренција за книжевната награда „Роман на годината“, заедно со уште 42 романа.