Критика на Весна Мојсова-Чепишевска
Објавен е првиот критички одглас за првиот и досега единствен роман за Блаже Конески, со наслов „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски, кој излезе од печат минатата година. Авторка на рецензијата за овој најнов роман на Гилевски е универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска, која важи за исклучителен проучувач и почитувач на делото на Конески.
– Романот „Излезе сејачот да сее“ со сите свои и фикциски и фактички моменти е вистински споменик за Конески, за оној Конески што не го познаваме, за оној Конески надвор од сите негови книги, статии, песни, граматики, истории што ни ги остави во аманет – нагласува Мојсова-Чепишевска.
Според неа, овој роман за Конески е граден низ силна дијалошка форма на повеќе култури.
– Па така, овде не разговара само Гилевски со Конески, туку разговараат и Блаже Конески и Иво Андриќ, Блаже Конески и Мирослав Крлежа, Ѓула Илјеш и Блаже Конески, Конески и Шандор Петефи, Конески и Ласло Наѓ, но и Конески и Пол Елијар на „закажаните средби“ од страна на Паскал Гилевски, исто онака како што на маса во кафеана наздравуваат францускиот коњак, чашата џин и шишето кавадаречко црвено вино. Овде разговара македонската култура преку своите најеминентни претставници и со унгарската, француската, грчката, српската (па) и бугарската култура – напоменува Мојсова-Чепишевска.
Во критичкото микрочитање на ова прозно дело, таа го отвора и прашањето зошто Гилевски го насловува токму така ова свое остварување, кое, според неа, колку што е роман за Конески, толку е роман и за Гилевски и за сите оние од генерацијата на Конески и од генерацијата на Гилевски, поточно за сите што имаат вистински удел, помал или поголем од тие 60-ти години на минатиот век кога започнува да се испишува современата (модерната) македонска книжевна и културна сцена, па наваму. Зашто и во романот на Гилевски е напоменато: „… што ќе правевме ние без да го имаме Блаже, се разбира и една плејада други таленти, виртуозот Шопов, длабокиот и возвишениот, магичен прозаист Славко Јаневски, Митрев, бушавиот вдахновен естетичар, па Гане, тој урагански лирик и други и други.“ Поврзувајќи го насловот на романот со параболата за сејачот од Новиот завет, односно за семето што и покрај сите неуспеси, на крајот успева да пушта корен и да дава голем принос, да дава храна што ќе ги храни и телото и душата, Мојсова-Чепишевска укажува на прашања на кои поттикнува делото на Гилевски: Беше ли таков сејач нашиот Конески и остави ли безброј оптимистички параболи?
Според универзитетската професорка, поупатениот читател ќе се насочи и кон краткиот осврт или малиот есеј на Конески, со ист наслов како и овој роман „Излезе сејачот да сее“, првично објавен во списанието „Одјек“, во 1979 година.
Во тој текст, христијанската парабола за сејачот, како што е нагласено во рецензијата, Конески ја употребува со цел отворено да зборува за литературното влијание и низ метафоричната слика за семето како збор да го искаже своето противење кон ставот дека литературното влијание е некаков механички процес.
Преку прочитот од Мојсова-Чепишевска на „Излезе сејачот да сее“ од Гилевски се отвораат и низа други прашања што допираат во нашата книжевна и културна историја, но едновремено и во исчитувањето на современата биографска проза.
Инаку, Весна Мојсова-Чепишевска е и авторка на книгата „Конески како тестамент“, на чија промоција минатата година и укажа на потребата, покрај преку поезијата и музиката, на Конески да му се посвети внимание и преку другите форми на уметнички израз.
– Во овие форми на уметнички израз не се очекува Конески што го знаеме од книгите и книжевните теории, Конески како лингвист или препејувач, туку Конески како обичен човек. Затоа што навистина, тој е нулта точка – точка од којашто сè почнува и во којашто сè се слева од севкупната македонска уметност и воопшто македонска култура – нагласи тогаш Мојсова-Чепишевска.