Нови изданија
„Остров во морето“ од шведската авторка Аника Тор и „Ѕвезди под клепките“ од бугарскиот современ автор Николај Терзијски се два нови романа, кои отсега ќе можат да се најдат во книжарниците на „Три“. Од издавачкиот центар посочуваат дека романите на Тор и Терзијски побудуваат емпатија во овие отуѓени времиња, нудејќи подлабоко разбирање на луѓето од различни потекла и отворајќи дијалог што ги зема предвид грешките од минатото, постапките во сегашноста и непредвидливоста на иднината.
– Објавен во 1996 година, „Остров во морето“ ги освои срцата на читателите низ светот достигнувајќи тираж од 120.000 примероци. Романот ги разработува тешките теми на еврејското прогонство, болката на миграцијата, растењето без родителска грижа и приспособувањето на нова средина – и сето тоа видено низ искрените детски очи на сестрите Стефи и Нели, кои своето засолниште го наоѓаат на еден остров крај Гетеборг – велат од „Три“.
Детската перспектива на бурните воени времиња од шведски на македонски ни ја приближи современиот автор, поет и преведувач Ивица Челиковиќ. Младиот бугарски писател Николај Терзијски преку својот роман „Ѕвезди под клепките“ нѐ води на возбудлива прошетка низ времето и судбината, поткревајќи ја пред нашите очи завесата на животот.
– Раскошниот роман на Терзијски е приказна за најзначајните и најтешки животни прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. Во нив треперат копнежи и разделби среде историски превирања, премолчени зборови, неискористени можности и многубројни неодговорени прашања – се вели во описот на романот.
„Ѕвезди под клепките“ ги обработува вечната тема на љубовта, сродните души, фокусирајќи се на проблематиката за тоа дали е возможна љубовта на прв поглед и дали таа може да ги надмине сите пречки што ѝ стојат на патот. Романот на Терзијски ја доби националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и е номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија, a е преведен на македонски јазик од Виолета Танчева-Златева.
– Нурнете се во светот на современата книжевност, која е огледало на општествените превирања и политичката клима, и дозволете приказните на книжевните херои да ја изострат вашата критичка мисла, нудејќи подлабока претстава и нови перспективи за дилемите на современото општество. Само така можеме подобро да го разбереме светот и да поттикнеме емпатија низ вревата на лошите вести – заокружуваат од „Три“.
И двата романа се достапни за читателите преку едицијата „Нашите приказни“, поддржана од Европската Унија.