Фото: Приватна архива

Почитувани пријатели, другари, стари и нови фанови, на чекор сме до нашата голема прослава – 30 години постоење на „Реквием бенд“. На 21 ноември, петок, ќе го прославиме јубилејот заедно со сите вас, за кои и постоиме сите овие години. Свирката ќе се случи во „Рулет клуб“, местото каде што и почнавме пред три децении, на 17. септември.

Фото: Приватна архива

Настанот почнува во 20 часот и замислен е како дружење, свирење, муабети, сеќавања…Сите што биле членови на бендот ќе отсвират по неколку песни, ќе се изнаиграме, изнапееме.

Со овие зборови Георги Гавровски (Гого Реквием), лидерот на групата им се обрати на неговите обожаватели на социјалните мрежи.

Мото на оваа емотивна средба,за паметење е „Цела тајфа на едно место“.

Фото: Приватна архива

Интересно е дека групата сите изминати години ефективно работи, настапува. За „Реквием бенд“ велат дека се мајстори за забава. Нивниот репертоар го сочинуваат екс Ју-хитови, рок и поп стандарди и свои, авторски нумери.

– Во екот на златните години на ноќниот живот во Скопје, свирките ги почнувавме со инструменталот од ТВ серијата „Отпишани“, а главни песни ни беа: „За љубав треба имат душу“, „Цесарица“, „Мотори“ и многу други. Од нашите секако тука се: „Не се предавај“, „Слушам само рокенрол“ и „Безобразна и дрска“…Всушност роденденската журка е замислена како сеќавање на старите добри времиња кога Скопје живееше еден сосема поинаков ноќен живот. Поканивме и многу гости, а ќе има и по некое изнендаување – ни откри Гого.

Фото: Приватна архива

Тој со носталгија се сеќава на деновите кога, како што вели направиле и рекорд кој до денес не е соборен по број на отсвирени свирки без слободна вечер.

– Верувале или не, две години нон- стоп свиревме, бидејки во 1990-те не се знаеше кој ден е сабота, кој понеделник, кој среда….Скопје живееше позитива секоја вечер – се сеќаваат членовите на „Реквием бенд“.

Интересно дека на оваа прослава ќе свират сите некогашни членови на групата: Милован Станковиќ, Роберт Пирнер, Георги Гавровски, Оливер Китановски, Ване Ѓорговски, Југослав Милановски и Филип Каровски.

М.Т.