По петти пат во чест на роденденот на „Нова Македонија“ в сабота се организира планинарски марш со почетна точка од селото Горно Врановци, каде што е испечатен првиот број на весникот. Турата е долга 19 километри, се совладува надморска височина од 1.460 м, а трае десетина часа. Крајната цел е врвот Кале, на 2.112 м надморска височина. Петта година по ред Ирена Диков, со планинарскиот клуб „Убава“, е иницијаторка на турата.
Патеката почнува од селото Горно Врановци (650 м), се движи кон запад, по патека што води низ нискостеблест предел до Острика (812 м), а потоа навлегува во густа букова шума, до изворот Невестинец (1.373 м), па преку Милевичка Река (1.572 м) излегува на срт и Корунов Сек (1.700 м). Потоа турата води кон југ по сртот кон Кале (2.112 м), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. На патеката моментално има два активни извора на вода. Враќањето е по истата патека.
Со оваа тура се навраќаме на смелиот подвиг на партизаните кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, неуморно, не броејќи километри, од Црешово по трнлив пат до Горно Врановци. Првиот број на „Нова Македонија“ е објавен на 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, каде што денеска се наоѓа првата печатница, претворена во музеј. Весникот имал осум страници и бил испечатен во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија.