По повод 76 години од формирањето на театарот „Војдан Чернодрински“ од вечерва до 21 февруари ќе се одржи манифестацијата „Роденденска недела“, на која ќе бидат прикажани четири претстави во Сцена 105 во ЦК „Марко Цепенков“ и на 21 февруари театарот со „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски, ќе гостува во МНТ во Скопје.
Богатата театарска програма започнува вечерва од 20 часот кога на Сцена 105 ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ од театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. „Синиот портокал“ е повеќе годинишна претстава на Велешкиот театар, работена по текст на Британецот Џон Пенхол, во режија на Александар Ивановски, а во претставата играат Фаик Мефаиловски, Жарко Спасовски и Благојчо Стојанов.

На 17 февруари, вторник. исто од 20 часот, актерот Здравко Стојмиров, ќе ја изведе монодрамата „Фетишист“, во која се говори за извртената реалност на еден живот што бивајќи свртен наопаку, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност, ни ја прикажува единствената можност за постоење на еден човек, кој иако изгубен во реалноста, одлично живее во својот замислен свет и успева да најде задоволство во живеењето.
Во среда на 18 февруари, (20 ч.), на денот на формирањето на театарот (1950 со првата претстава „Кир Јања“), актерот Игор Трпчески, ќе ја изведе претставата „Делирум тременс“, која ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.
Домаќинот славеник, театарот„, Војдан Чернодрински“ на 19 февруари од 20 ч. ќе ја изведе најновата претстава „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски, во која сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, музиката на Горан Трајкоски, драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а дизајнот на плакатот е на Сергеј Светозарев, а играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерина Чакмакоска -Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски,Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.
Со „Црнила“ театарот на 21 февруари гостува во МНТ во Скопје, со што ќе биде заокружена роденденската недела и ќе се прослават 76 години од театарското постоење, љубовта кон сцената и магијата што трае.
Од МНТ најавија дека скопската публика ќе има можност да ја проследи претставата „Црнила“, која е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина.
Ка.М.


































