Фото: Славица Танеска
  • Кога почина татко ми Ристо јас имав само шест години и немам многу спомени со него. Моите сеќавања се како еден албум сликички собирани низ годините преку исказите на блиски и далечни пријатели. Но знам дека тој бил човек што ги сака луѓето, а починал од своите, од најблиските. Тој умре пред да умре. Сепак, омразата не е дел од нашите животи, во нашето семејство ние ја оставаме далеку зад нас. И сигурна сум дека тоа што Шишков го направи никој не може да го сруши. Посакувам младите повеќе да дознаат за него, па токму затоа овие емотивни средби треба да ги повториме, вели Јоана Шишкова-Медаровска

Вчеравечер во Скопје, се случи редок настан, беше отворена изложба за животот и делото на актерот Ристо Шишков, (23.03. 1940, Мрсна – 17 .06. 1986, Скопје), насловена „Спиеме на духовни огнови, се грееме на вчерашни весници“.

Организатори се ќерката на големиот актер Јоана Шишкова-Медаровска и Саша Шотаровски, првиот човек на „Бифе Тафталиџе“, кое веќе стана култно место во градот и магична сцена за бројни настани. Присутна беше и примабалерината Зоја Пуровска Велевска, мајка и на Јоана и некогашна сопруга на Шишков, како и голем број почитувачи на еден од најдобрите наши театарски и филмски глумци, кој ги овековечи најголемите македонски револуционери со своите улоги.

Иако и самиот спомен на името на Шишков, кај сите Македонци предизвикува трепет во срцата и чувство на гордост, но и на бунт, и лутина поради неправдите и клеветите кои го втурнаа на патот без враќање на неговата животна врвица, сите присутни почувствуваа и огромна енергија, токму онаква каква што имаше тој додека се искачуваше на професионалниот Олимп, носен од својот талент, упорност и перфекционзиам, со кој и приоѓаше на глумата, што ја избра за свој животен позив.

Беа изложени 17 професионални фотографии, од филмови и од театарски претстави на Ристо Шишков, а неколку и од приватната архива на семејството.

Омразата не е дел од нашите животи

– Јас кога почина татко ми Ристо имав само шест години и немам многу спомени со него. Моите сеќавања се како еден албум сликички собирани низ годините преку исказите на блиски и далечни пријатели. Но знам дека тој бил човек што ги сака луѓето, а починал од своите, од најблиските. Тој умре пред да умре. Сепак, омразата не е дел од нашите животи, во нашето семејство ние ја оставаме далеку зад нас. И сигурна сум дека тоа што Шишков го направи никој не може да го сруши. Посакувам младите повеќе да дознаат за него, па токму затоа овие емотивни средби треба да ги повториме – изјави Јоана.

Фото: Славица Танеска

Таа, за разлика од своите родители, актерот Ристо Шишков и примабалерината на Македонската опера и балет, Зоица Пуровска Велевска, како и од својот брат, актерот Васил Шишков кој почина во 2014-та година на приближна возраст како и татко му, наместо на сцената, се чувствува подобро зад неа. Автор е на поетските книги: „Креативна бурлеска“ и „Крилести одаи“ и на студијата „Интеркултурна комуникација на танцови идентитети“, издание на книгоиздателството „Феникс“.

Фото: Славица Танеска

Гоце Ристовски македонски прозаист, драмски автор, литературен и театарски критичар, е автор на монографија „Шишков”, објавена 1999 година.

Фото: Славица Танеска

Несуден астрофизичар

Тој се осврна на животот на големиот уметник, кој е роден во селото Мрсна, Серско, Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува. Имал желба да студира атомска физика, но ненадејно се премислува, па во 1962 година дипломира на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума. По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар. Играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Време води“, неговата ролја е преснимена), во пет телевизиски драми и три телевизиски серии и во повеќе радиодрами.

Дома добил само една театарска награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“. Додека признанијата за актерски остварувања во странство се бројни.

Колата тргнува надолу во 1979 година, кога Ристо е обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на претседателот Тито. Обвинет како националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 заминува во затвор. По излегувањето од затворот Идризово, по кратко боледување умира на 17 јули 1986 година во Скопје.

– Ако бараме вина за она што му се случи на Шишков, тоа треба да го бараме само во рамките на нашата држава – нагласи Гоце Ристовски.

Тој откри дека фотографијата што на изложбата предизвика најголемо внимание, онаа од филмот „Црно семе“, од 1971 година, на која е снимен во сцена каде што свеоволно немал двојник, кога го ставиле во вреќа заедно со мачка и го фрлиле во вода. Мачката, како што се гледа и на сликата, не преживеала.

Ристовски рече дека Шишков понекогаш бил со избувлива природа, вистински боем, но оти кога била глумата во прашање, секогаш бил на висина на задачата. Тој дополни и дека неколкупати домашните награди на театарските фестивали најпрво му ги доделувале, па му ги одземале, со наредба „од горе“, што било поразително за глумец од калибарот на Шишков.

– Има мислења дека целиот судски процес можел да се избегне доколку колегите“ на Ристо не инсистирале тој да биде казнет, изолиран и тргнат од театарските штици – рече Ристовски.

Но и по толку години, како што пее големиот Петре М. Андреевски во песната „Како ќе го најдеш Ристо Шишков“, што ја прочита глумицата Изабела Новотни, тој вели „…И кажи му дека едикоиси за едишто/ кои толку сакаа пред нив да умре,/ одамна мртви и заборавени се шетаат…“

Фото: Славица Танеска

Молчењето на Ристо Шишков

Еден од првите кој му посветува песна на Шишков, е и големиот борец за човекови права на Македонците, публицист и поет, неговиот личен пријател, Коле Мангов. Песната за прв пат е објавена во весникот „Македонија” од Торонто, Канада, на 16ти јули 1986, месец дена по неговата смрт. Песната, била игнорирана и на еден начин, дневните весници не пројавувале интерес да ја објават. Повторно е објавена во неделникот „Старт”, во 2001 година.

Синоќа присутните ја слушнаа „Молчеењето на Ристо Шишков“ од неговата ќерка Елена Мангова.

Даница од патриотското Здружение „В’мбел“ , кое се залага за здружување и обединување на Македонците со егејско/беломорско потекло, рече дека Шишков и самиот на своја кожа го почувствувал егзодусот, оттргнат од мајчините прегратки.

– Нема човек што потекнува од Егејска Македонија што не чувствува љубов за Ристо Шишков. Тој за нас е непокор, љубов, болка, македонски национален идентитет, тој е Македонија…- рече Даница .

Стево Симски, писател, говореше за односот на Шишков кон колегите, вработените во МНТ, кон статистите, за случки од театарското бифе, но и за мигот кога настапувал пред Јосип Броз во една пригода и кога рецитирајќи го „Тешкото“ од Конески запрел, бидејќи претседателот разговарал со некој кој седел до него и не го слушал……

Фото: Славица Танеска

Ја слушнавме и песна што Ристо Шишков ја напишал за Македонија, во која, меѓу другото, вели „Јас сум твојот комита Ристо Беломорски од Грамос Планина ….“

Затворајќи го официјалниот дел Саша Шотаровски рече дека иако многумина сакале никој се уште не го победил Ристо Шишков, а со тоа и Македонија.

– Мораме да им објасниме на децата дека не почнува се од сега. Мотивот е огромен, па затоа ќе продолжам со организрање изложби и за други наши големи луѓе – вели Шотаровски.


Како ќе го најдеш Ристо Шишков

Ќе бараш човек со висока сенка

што сите сенки наоколу ги покрива.

Кај него сонцето никогаш не заоѓа

и затоа не можеш да го згрешиш.

И кажи му дека едикоиси за едишто

кои толку сакаа пред нив да умре,

одамна мртви и заборавени се шетаат.

И уште ќе му кажеш дека така било

откако е бел снегот и црн гавранот

и дека кај нас ести уште исто.

Тој е прв во се и роднина на сите

што ги оживеа со својот живот,

со него е и сета жална Македонија

и во неговите очи и ти ќе се видиш.

Оти тој гледа се и отсекаде се гледа:

неговото време никаде не завршува

(не се менува и не изминува)

а и убавината што ја има облечено

од него не се дели, не се оддалечува.

Во името нејзино е и сликата негова

и затоа не можеш да го згрешиш.

Петре М. Андреевски


Молчењето на Ристо Шишков

За Ристо Шишков треба да се молчи.

И пак да се молчи.

Но, белината на хартијата чека запис.

И народот очекува запис за Ристо Шишков.

Ристо знаеше да каже: во него има молчење. Многу молчење.

Ристо не молчеше. Зборуваше за сите.

Во него се славеше молчењето на народот.

Огромниот товар на молчењето.

Потоа молчењето избиваше од него.

Како вулкан. Како незапирлив вулкан.

Тој вулкан го однесе Ристо Шишков во вечно молчење.

Сега другите доаѓаат за него. Цела една вечност.

Слава му!

Коле Мангов