фото: Битолски театар

Под ѕвездите на Пелистер, крај езерото на Ротино, се сретнаа љубовта, смеата и јазикот на Карло Голдони во прекрасната комедија „Рибарски караници“, која од 22 септември ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.

Премиерата на оваа претстава беше во саботата на Ротинското езеро, во еден поинаков амбиент, од оној вообичаениот и за актерите и екипата која ја реализираше, но и за публиката.

Свежината на потпелистерката ноќ, далеку од заддушливите летни горештини и градската бучава, премиерата создаде вистинска симбиоза меѓу актерите и публиката – тие играа, овие се смееја… и обратно. Очигледно на битолската публика, но и гостите од другите градови, им недостигаше една автентична претстава во автентична атмосфера, под отворено небо, до и на Ротинското езеро. Надополнета со природната музика од штурците, што ги потхранија и ритмираа со долготрајните аплаузи, стоечки овации, насмеана публика.  Премиерата на „Рибарски караници“, 13. премиера за сезоната 2024/ 2025 година на Битолскиот театар, во режија на Јован Ристовски.

фото: Битолски театар

– Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите без разлика што се случува меѓу нив, на крај наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостасува – рече Ристовски.

Публиката до солзи ја насмеаа: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костими Андреј Ѓоргиевски, композитор на музика Александар Димовски,  светло мајстор Игор Мицевски, инспициент Оливер Петровски, суфлер Гордана Михајловска, продуцент Димитар Михајловски.

Режисерот заедно со актерите го направија препевот на овој текст, и се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија. Битолскиот театар со поддршка од Општина Битола, го реконструираше и патот кој води до езерото, туристичка атракција на која за прв пат се одигра театарска претстава. Уште еден доказ дека театарот го менува светот.