Фото: Јавор Мичев

Македонската режисерка Тамара Стојаноска е апсолутна победничка на седмото издание на конкурсот за млад театарски режисер „Слави Шкаров“, органзиран од Драмскиот театар „Сава Огњанов“ во Русе, Република Бугарија.

Стојаноска ја претстави својата интерпретација на извадок од „Срде од ајкула“ според романот на Емили Хабек во соработка со актерите Соња Пилатова, Борислав Апостолов, Ростислав Панков, Надја Банчева и Александар Узунов.

Покрај главната награда определена од жири комисијата составена од драматурзите Клаудио Гроза и Ина Шкарова и актерот Жарко Спасовски, на Тамара Стојаноска категорично и припадна и наградата од публиката, која гласаше откако ги изгледа трите поставки на младите режисери. Двете награди и беа врачени од директорот на театарот, Бојан Иванов. На церемонијата беше доделена и наградата на фондацијата „Костјо Станев“ за „Актерско остварување“. Со неа беше одликуван актерот Борислав Апостолов кој ја играше главната улога во извадокот „Срце од ајкула“ на Тамара Стојаноска.

– Никогаш во моето досегашно театарско искуство се немам почувствувано толку поддржано и прифатено уште од првиот ден кога пристигнав во театарот во Русе. По неколку важни награди, ова е првпат да видам како колеги се радуваат за други колеги и колку театарот може да спојува луѓе од различни држави. Имав шанса да работам со прекрасни актери, врвни професионалци кои шест дена по цел ден работеа со мене на нашиот извадок, несебично и посветено. Театарот има и прекрасна техничка екипа која веруваше во мојот свет и ми ги овозможи сите услови за режирање, не само мене туку и на моите драги колеги, сега веќе и пријатели Рафаел Бижев и Тудор Антофи- изјави Стојаноска за Нова Македонија, непосредно по доделувањето на наградата.

Освен Стојаноска, финалисти на конкурсот беа и Рафаел Бижев, режисер од Република Бугарија и Тудор Антофи, режисер од Романија. Тројцата беа номинирани да се натпреваруваат во финалната фаза, која се одржа во Русе од 16 до 21 јуни. Во текот на тие шест дена, избраните режисери имаа можност да работат со актери од ансамблот на театарот во Русе и на крај да ги претстават своите подготвени извадоци пред публика. Победникот, определен од жирито, добива можност да го доразвие прикажаното и да го претвори во целосна претстава во Драмскиот театар „Сава Огненов“.

– Наградата е можеби единствена ваква награда и шанса за млади режисери и за мене е од огромна важност. Се уште не можам да си поверувам дека следната година ќе имам шанса да работам во театарот во Русе за да го развијам нашиот показ во целовечерна претстава која ќе стане дел од репертоарот и тоа е најважниот дел од оваа награда – шансата да работам. Публиката таму сака театар. Цело време се ширеше само љубов кон сите тројца финалисти. Од огромно значење ми се и наградата од публиката и наградата за актерот Борислав Апостолов. Чувството е незаменливо-рече режисерката Стојаноска.

Селекторка на конкурсот оваа година беше театарологот Деница Езекиева, која одлучи седмото негово издание да помине под мотото „Нарцис и Ехо“.

– Главни критериуми при изборот беа пред сè естетските квалитети на предлозите, аргументацијата при изборот на текстот, оригиналноста на режисерската концепција и желбата за самостоен и авторски сценски израз- рече селекторката Деница Езекиева.

Конкурсот го носи името на видниот бугарски режисер Слави Шкаров и има за цел да ги поддржи младите таленти во областа на театарската уметност. Победата на ова натпреварување отвора нови можности за младите креативци за развој на нивната кариера, а наградите на Тамара Стојаноска ќе и дадат можност да ја развие и реализира својата идеја во целосна претстава во наредната театарска сезона на сцената на Русенскиот театар.

Филип Димкоски