Првата изложба на фестивалот „Зрно“ годинава, „Проверка на диоптријата“, е закажана за утре, во 20 часот, во КСП центар – „Јадро“, во соработка со „Галери герила“ од Виена и КСП центар – „Јадро“.
Тоа е ревијална поставка што ги обединува љубителите на аналогната фотографија од Европа и пошироко. Голем дел од авторите/авторките се учесници на работилниците за благородни фотографски постапки, кои ги организира фестивалот „Зрно“. Во рамките на оваа изложба, 60 автори ќе се претстават со по едно дело, нудејќи широк спектар на креативни изрази и техники. Оваа изложба е можност да се доживее богатството на современата аналогна фотографија, која доживува своевидна ренесанса во светот. Во денешно време вистинските уметници се заситени од алгоритми врз кои немаат контрола, дела што немаат авторски печат и тактилна димензија. Аналогната фотографија и старите благородни техники, кои ги негува фестивалот „Зрно“, стануваат сѐ попопуларни во светот на современата уметност.
Оваа година мото на фестивалот „Зрно“ е: Фотосинтеза!
Од Македонија учествуваат: Кети Талевска-Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам, Сашо Алушевски, Еџе Али, Анѓела Танчевска и Филип Ицовски.