Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена ретроспективната изложба на слики од Боро Арсовски-Бабата, со која уметникот одбележува 55 години од своето творештво. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата и творештвото на Арсовски, Роберт Цветковски, историчар на уметноста, ќе забележи дека дале значаен придонес кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници што ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години од минатиот век.
– Одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан што е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз, кој изобилува со богат визуелен вокабулар, го ставаат во редот на најзначајните претставници на македонската наива. Посетителите ќе можат да ја видат ликовно-продукциската траекторија на овој врвен автор во периодот од 1970 година до денес. Притоа, забележителни се неговите напори за доследно почитување на една сликарска парадигма што во себе содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс, автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент осветлен од македонското сонце… Во сликите се гледа способноста на Арсовски за визуелна нарација, давање филмска динамика на содржината на сликата, а понекогаш е присутно и навлегување во сферата на надреалното. Неговите слики говорат за едно време што не постои денес, поточно зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина. Како автор на многу слики што се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски-Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време што подразбираше симбиоза на човекот и природата – истакнува Цветковски.
Боро Арсовски -Бабата од Куманово со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и наедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК, од кога е и член на друштвото, со кое настапува на многубројни годишни изложби низ Југославија. Член е на УСУ-Галерија „Југославија“ од Белград. Од 1986 година членува во УСУ „Трета димензија“ од Белград. Учествувал на повеќе од 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во: Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски (Хрватска), Сански Мост, Лукавац (Босна и Херцеговина), Врање, Светозарево (Србија), Требње (Словенија). Има учествувано на повеќе од 200 групни изложби и на пет самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и во Скопје. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции низ светот. За творештвото на Арсовски се снимени два документарни филма. Ка.М.

































