Поставката во „Чифте-амам“ ќе биде композиција од над сто изложени слики во техниката акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики

„Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири ќе биде поставена во објектот Чифте-амам“. Отворањето е закажано за 22 декември, во 19 часот, на кое ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.
Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследни уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои првпат во интегрална форма од сите творечки фази се претставуваат во Националната галерија.
– Нарацијата во делата на Беќири ја осознаваме преку три основни елементи: линијата, бојата и симболиката. Вечната игра на бојата и линијата како носачи на значења, во нагласено индивидуалното сликарство на Нехат Беќири резултира во креирање цели знаковни, апстрактно асоцијативни системи, секогаш одново и одново подложни на нови или, пак, проширени слоеви на (ре)интерпретации како директен израз на емоција – истакнува Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска во Националната галерија.
Во сликите на Нехат Беќири се воочливи многу слоеви врз кои е изградена колективната меморија, нејзините мрачни тајни, но и нејзиниот развој и универзалните хуманистички вредности.

– За богатото творештво на експресивниот, динамичен и неуморен сликар Нехат Беќири, наместо заклучок – бидејќи од него во иднина се очекуваат уште многу творечки изненадувања – можеме да сублимираме дека неговото досегашно сликарство е исклучително индивидуално и искрено, а неговите дела се одраз на нескриените внатрешни емоции во однос на темите чиј опсег на интерес се движи од длабоко интимни до универзални. Во својата основа, тоа е длабоко хуманистичко сликарство и за свој центар го има човекот, чие присуство најчесто се чувствува токму преку отсуството во делата. Бидејќи тој е претпоставено мерило на сите нешта, треба да бидеме освестени и опоменати дека неговото егоистично дејствување е спротивно на благосостојбата на човештвото и е, најблаго речено, девастирачко – пишува во својот осврт Чанкуловска-Михајловска.

Нехат Беќири е роден во Тетово, дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина, во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде што и магистрирал, во 2001 г.
Беќири работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Покрај дисциплината сликарство, работи и други медиуми, скулптура, инсталација. Неговите дела се наоѓаат во повеќе државни и приватни колекции во земјата и во странство.
Беќири реализирал над триесет самостојни изложби и бил учесник на голем број ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.
Поставката во „Чифте-амам“ ќе биде композиција од над сто изложени слики во техниката акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики.
Кураторка на изложбата е Маја Крстевска, виша кустоска во Националната галерија.