Фото: Приватна архива

Вечерва, со почеток во 19 часот, во автентичниот амбиент на уметничката галерија „Безистен“ во Штип, ќе се одржи свеченото отворање на изложбата на современиот македонски визуелен уметник Јордан Ѓорчев.

Фото: Приватна архива

Изложбата претставува пресек на неговото специфично творештво, каде што се среќаваат експресивната апстракција и концептуалната мисла. Ѓорчев, кој е познат по својата мултидисциплинарна заднина како доктор по социјален менаџмент, психолог и правник, преку своите платна нуди визуелно истражување на човечката состојба и внатрешните противречности.

Неговата уметничка практика, која самиот ја дефинира преку кредото „Гледај бавно. Сѐ е таму“, инсистира на контемплација и активна интерпретација. Делата, работени во техника акрил на платно, се карактеризираат со интензивна гестуалност, слоевитост и силна колористичка енергија.