Неговите слики всушност претставуваат претопување на традицијата со модерното, при што не можеме да поставиме јасна граница каде почнува едното, а каде завршува другото…
Осврт
За сликарството на Решат Амети можеме слободно да кажеме дека тоа не е одраз на надворешната реалност, туку тоа преставува внатрешна слика на душата. Тој со своето дело целосно ѝ е предаден на модерната уметност, при што сака да нѐ потсети дека ништо не е апстрактно, дека сѐ има свој корен и развиток. Од неговите слики зрачи традицијата на еден чуден и нему својствен начин. Пред нас се апстрактни слики полни со боја и светлина, кои нѐ потсетуваат на рачно ткаените килимчиња излезени од рацете на нашите баби, во кои конците тежнеат да направат килимче со идеална убавина за да ја наполнат нашата душа, затоа што и основна цел на уметникот е да создава убавина.
Не случајно еден голем дел од неговиот циклус на слики има наслов „Од традицијата“. Неговите слики всушност претставуваат претопување на традицијата со модерното, при што не можеме да поставиме јасна граница каде почнува едното, а каде завршува другото. Кога ќе го погледнеме пак другиот циклус на слики именувани како „Енигма“ или слободно можеме да ги именуваме како магија, слики на темата геометриска апстракција, која авторот ја нарекува „лирска апстракција“, со што јасно нѐ упатува во светот на психичката реалност и поетиката во неговите слики.
Нема сомнение дека Решат Амети е сликар на тајната, на магијата, која на своите платна ни ја разоткрива преку намазот на бојата и светлината. Затоа за неговото сликарство можеме да речеме дека преставува внатрешна слика на душата. Неговите имагинарни предели на душата тежнеат кон убавина, која гледачот треба да ја впие во себе, за да може да го почувствува величествениот момент на светлината. Затоа што само преку неа можеме да го осознаеме светот што нѐ опкружува, но и духовниот свет што ги осветлува нашите души, на што целосно му е посветено сликарството на Решат Амети.
Изложба по повод 35 години творештво
Изложбата „Мојот пат во уметноста“ на Решад Ахмети ќе биде отворена на 11 март (вторник), во 20 часот, во галеријата на МКЦ. Одбележувањето на јубилејот – 35 години творештво, Ахмети го започна на 30 декември 2025 година со репрезентативна изложба во Дипломатскиот клуб на Министерството за надворешни работи на СР Германија во Берлин. По воведниот збор на директорката на клубот, Сибил фон Арнам, пред присутните гости и дипломати се обрати и директорот на Одделот за Западен Балкан, Нилс фон Редикер, а изложбата ја отвори нашиот амбасадор во Берлин, Илбир Села. На 27 февруари Решат Амети ја отвори својата втора изложба во рамките на овој јубилеј во галеријата „Урсулаштрос“ во Грац, Австрија. Изложбата во МКЦ е трета по ред во рамките на јубилејот, но никако не смее да се сфати како помалку важна, таа има цел да ги поттикне младите да истражуваат и да го најдат својот индивидуален стил во уметноста. Професорот Решат Амети во текот на изложбата ќе одржи свое предавање со кое како педагог ќе ја продлабочи љубовта кон уметноста.
Климе Коробар