Фигуралните претстави (човечки или животински) на Чатмов се оживеани од изблици на интензивни и контрастни бои, движења и форми што ја креираат композицијата, која, пак, од своја страна е вител на изблици на чувства и на внатрешни борби, пренесени преку енергична гестуалност

Самостојна изложба на слики на Трајче Чатмов, со наслов „Религија, митологија и слободна мисла“, ќе биде отворена на 16 април (среда), во 20 часот, во „Чифте-амам“ при Националната галерија на Македонија. Циклусот дела, како што упатува и самиот наслов, го обработува концептот на уметноста и на историјата на западноевропската уметност, кој се базира на двата основни, секогаш присутни, од своето просторно-временско создавање, а до денес неисцрпни културни меганаративи – античката и христијанската митологија.
– Земајќи го предвид богатството на легенди, митови, претстави, иконографија и знаковност, како фрагменти од „големата слика“, Чатмов успева да ги спои овие две базични навидум спротивставени позиции. Сепак, кај авторот, поврзувањето на овие наративи не се однесува на нивното спојување или мешање претстави што би биле некаков претпоставен спој на многубоштвото, паганизмот и сцените со религиозни содржини, всушност тој ги третира со еднаква важност, како рефлексија на паралелната инспирација и нивно егзистирање како поим за нововременска инспирација од поднебјето што изнедрило и на кое се испреплетувале многу културни традиции – вели кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска.
Сликите од изложбата „Религија, митологија и слободна мисла“ се изработени во периодот од 2024 до 2025 година (и неколку од 2023 година), во техниката акрил на платно. Фигуралните претстави (човечки или животински) на Чатмов се оживеани од изблици на интензивни и контрастни бои, движења и форми што ја креираат композицијата, која, пак, од своја страна е вител на изблици на чувства и на внатрешни борби, пренесени преку енергична гестуалност.
Трајче Чатмов (Скопје, 1971) е еден од водечките современи македонски сликари. Неговиот ликовен корпус од последниве две-три години (2023-2025) импресионира со бројноста и квалитетот на насликаните и изложени дела, што покажува дека Чатмов е плоден автор што се движи по самиот врв на своето творештво.
– Сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет – пишува академик Катица Ќулавкова за изложбата. В.Д.