- На реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знаела да изнедри авторски глас што на автентичен начин го обликувал современието, а Исаковски го правеше тоа во текот на целиот свој креативен живот, вели Игор Анѓелков во поговорот од книгата
Издавачката куќа „Или или“ ја реиздаде дебитантската проза „Писма“ од Игор Исаковски. Книгата го доживеа првото издание во 1991 година (издавач: Книжевна младина на Македонија) и, еве, по 35 години, решивме една од „најскопските“ книги повторно да заживее и меѓу новата генерација на домашни читатели, споделија од „Или или“.
– По собраната поезија на едно место (десетте стихозбирки) во луксузното издание насловено „Совршен поет“, кое го промовиравме минатата есен, „Писма“ е одлично надоврзување на тој издавачки потег бидејќи ви го претставуваме Исаковски во неговата суштинска форма, на почетокот од пишувачката авантура, кога и го најави својот несомнен талент – изјавуваат од „Или или“.
– Книгата три и пол децении трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата, бидејќи добрата литература го прави токму тоа, таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност. На реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас што на автентичен начин го обликува(л) современието, а Исаковски го правеше тоа во текот на целиот свој креативен живот. Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град што живееше 24/7, на едни луѓе што ги знаеја сите негови светли и темни сокаци, и на еден автор што сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за вјек и веков – вели Игор Анѓелков во поговорот од книгата.
































