Разговор со поетесата Ана Голејшка Џикова ќе се одржи в среда (4 декември) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, чија стихозбирка „Слобода А“ е книга за месец декември. Настанот ќе биде во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток во 19 часот.
– „Слобода А“ е збир од сите премолчени вресоци, сите трансформации на моето тело и ум, промислувања на младоста, лудоста, вербата и (не)довербата кон сѐ што ми се чинеше можно низ создадените песни. Иако е пишувана во различни временски зони, ефектот на корона периодот остави најголема трага. Впрочем, како и кај сите кои творевме за да не побудалиме – вели поетесата.
Ана Голејшка Џикова (Скопје, 1987) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Таа е (не)случаен поет, љубител на перформансот, на градот и уживањата низ него. Автор е на стихозбирките: „Љубов на улица“(2013, Култура) „ Напишан дом“ (2018, Антолог); и „Слобода А“ (2022, ПНВ Публикации), на сликовниците за деца: „Веселата зграда“ (2019, Арс Ламина) во соработка со илустраторот Драган Китановски ‒ Драш, „Лисичката плетачка“ (2020, Арт и арт студио Батев) и „Лепчето што расте“ (2020, Арт и арт студио Батев), обете во соработка со илустраторката Иванка НиБа. Нејзини песни и куси раскази се објавени во неколку македонски поетски антологии и антологии на куса проза, а редовно објавува и во периодиката. Стиховите ѝ се препеани на српски, турски, германски и на англиски јазик. Учествувала на бројни поетски читања во земјата и во странство. Со поетот Ѓоко Здравески ги основаа и ги водеа книжевните читања „Астални проекции“ во Скопје и коавтори се на монографијата „Астални проекции“ (2018, Бегемот). Била член на организацискиот одбор на „Скопски поетски фестивал“. Покрај пишувањето, од 2020 работи и како менторка на детски работилници, книжевни клубови и проекти за јавно говорење. Рецензентка и соработничка со издавачката куќа „Чудна шума“, а уредничка во издавачката куќа „Едиција Светулка“. Од 2015 е член на вокалноинструменталниот состав „Тркалезна маса“ од Скопје. Работи како професорка по македонски јазик и книжевност во Американското средно училиште во Скопје.
Разговорот со Ана Голејшка Џикова ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Разговорот со авторот, книгата на месецот и клубот на читатели се трите стандардни сегменти на големата кампања „Читаме современи македонски автори“, за која ГБСК го доби признанието Промотор на читачката култура според Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).