Издавачката куќа „Арс ламина“ го распишa традиционалниот литературен и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“. На овој креативен предизвик, кој трае од 2 април до 2 мај, право на учество имаат сите деца од градинките и учениците од основните училишта од целата држава. Децата од градинките, на возраст од четири до шест години, можат да учествуваат со цртежи инспирирани од светот на приказните, додека учениците од основните училишта можат да ги праќаат своите цртежи, поетски или прозни творба инспирирани од светот на книгите, читањето и литературата. Победниците ќе бидат соопштени и наградени на посебен настан. Наградниот фонд се состои од дипломи и книги обезбедени од „Арс ламина“.
Главната мисија на кампањата е поттикнување на читачките навики кај децата.
Целите на кампањата се: подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст и во таа смисла вклучување на колку што е можно поголем број релевантни чинители од сите сфери на нашето живеење, негување на мајчиниот јазик, поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, понуда на квалитетно поминато време настрана од новите технологии, образовна поддршка преку збогатување на наставната програма и активностите на училишните библиотеки.