Работилницата се фокусира на македонските традиционални ритми како неисцрпна инспирација за движење и експресија
Во периодот од 17 до 28 февруари Елена Николовска е гостинка предавач на Катедрата за современ танц при УГД, каде што работи со студентите од прва, втора и трета година на додипломски студии. Работилницата се фокусира на македонските традиционални ритми како неисцрпна инспирација за движење и експресија. Во центарот на ова искуство е техниката баунсинг – природен пулс на телото што овозможува органско интегрирање со ритамот. Елена Николовска образованието го стекнува во Средното училиште за современ танц во Љубљана, Словенија, а го заокружува на Академијата за современ танц при универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија. Таа работи со реномирани кореографи како Стела Зану, Андреса Мијазато и Јоханес Виеланд и настапува на повеќе проекти и фестивали, вклучувајќи ги „Арс електроника“ и „Фестивал лајхт убер Линц“ во Австрија.
– Истражуваме ритми што носат древни приказни – ритамот на 7/8, живописен и нескротлив, оживува преку традиционалните македонски танци како „Пајдушко“ и „Право оро“. Овие ритми не се само метрика на времето, тие се пулс на една култура, начин на комуникација и чествување. Учесниците не ги учат комбинациите само како композиција туку како медиум за пренесување емоции, приказни и историја преку телото и техниката. Оваа работилница е покана за длабоко лично истражување – секој учесник се охрабрува да ги открие својот уникатен танц и однос со ритамот. Играме со просторот, низ солистички, дуетни и групни танци, низ динамичен однос со музиката и нашите импулси. Ова не е само танц туку патување во сензациите на телото, во длабочините на звукот и во слободата на движењето. Мојата љубов кон македонската традиционална музика и ритми е особено значајна во моето предавање. Во работилниците што ги водам, го комбинирам современиот танц со богатите македонски ритми, овозможувајќи им на учесниците да ги почувствуваат енергијата и автентичноста на овие звуци преку движење – вели Николова за начинот на кој работи.
Деканката на Филмската академија, Рисима Рисимкин, вели дека е задоволна од соработката со младата уметница Елена Николовска, која доаѓа од универзитетот „Антон Брукнер“, со кој има воспоставено веќе традиционална соработка, преку неформалната мрежа на европски универзитети и академии за танц „Шер“.
– Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“ постојано спроведува иновативни работилници со предавачи гости, преку кои им овозможуваме на нашите студенти нови искуства и сознанија, со цел да се збогатат како уметници, при што им помагаме во оформувањето на професионалниот танчарски идентитет. Особено ми е драго што Елена Николовска, која потекнува од нашите краишта, ја спроведува оваа работилница, таа има прекрасен пристап и одлично ги води часовите – вели Рисимкин.