Најдоброто од „Киненова“ од 21 до 24 јануари во Кинотеката

Од 21 до 24 јануари во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани избрани содржини од фестивалот „Киненова“, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики. Станува збор за филмови што биле наградени на „Киненова“ како: „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе и многу други наслови.
Под мотото „Најдоброто од Киненова“, љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат филмови што со ангажиран и аналитичен пристап отвораат културни и општествени прашања. Во ова зимско издание на „Киненова“ ќе може да се погледнат и филмовите „Таква каква што сум“ на Даг Јохан Хаугеруд, кој годинава беше гостин на фестивалот, и „Татко“ на Срдан Голубовиќ, кој беше член на жирито на годинашното јубилејно издание на МФФ „Киненова“.
Програмата започна со проекција на „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи (Македонија, Косово, Албанија), по што беше прикажан „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ (Србија) за млада Авганистанка што доаѓа во Белград во екот на мигрантскиот бран. Нејзината борба започнува кога дознава дека нејзиниот помлад брат се удавил во реката таму и е решена да го погреба под неговото целосно име.
Денес на програмата е филмот „Таква каква што сум“ на Даг Јохан Хаугеруд, (Норвешка, 2025). Дебитантскиот филм на Даг Јохан Хаугеруд е топла и разиграна трагикомедија за луѓе што сите до еден имаат добри намери, но на крајот се повредуваат еден со друг. Медицинска сестра е под лупа на своето работно место затоа што преминува на англиски јазик кога станува нервозна. Преведувач го компромитира својот интегритет кога е убедена да преведе книга во која не верува. Постара жена и нејзината ќерка се понижени кога им се нуди огромна сума на пари како подарок од роднина. Жените од трите приказни се лесно поврзани, свесни дека сè оди точно како што треба, но се чувствува дека нешто не е нормално. Филмот истражува што се случува кога луѓето престануваат да се однесуваат како што треба и прикажува секојдневни ситуации што изгледаат како да се од мала важност за една личност, но можат да бидат од катастрофални размери за други.
Во 20 часот ќе биде прикажан „Беше некогаш во Газа“ на Араб Насер и Тарзан Насер (Палестина, ОАЕ, Франција, Португалија, 2025). Газа, 2007 година. Јахја, млад студент, се спријателува со Осама, харизматичен сопственик на ресторан со големо срце. Заедно, тие почнуваат да продаваат дрога додека доставуваат сендвичи со фалафел, но наскоро се принудени да се справат со корумпиран полицаец и неговото преголемо его… За првпат во историјата еден палестински филм добива една од најпрестижните награди во светот – „Златна палма“ во Кан.

Во 22 часот ќе го видиме „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ (Србија, Македонија, 2023). Во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, група комунистички научници од Институтот „Винча“ во Србија спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење од ураниум, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката „Кири“ во Париз. Францускиот медицински тим предводен од професорот Жорж Мате заклучува дека нивната состојба е критична и дека нивните денови се избројани. Иако професорот Мате целиот свој живот го има посветено на борбата против нуклеарното оружје и длабоко го презира проектот на кој работеле југословенските научници, тој предлага за првпат во историјата да се спроведе деликатна и неизвесна интервенција за замена на коскената срцевина на озрачените пациенти. Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници. Овој филм е заснован на вистинска приказна.
В петок на програмата се „Татко“ на Срдан Голубовиќ, потресна сторија за еден работник што е принуден да се одрече од своите деца по одлука на социјалната служба, и „Изгубениот сон на тимот од соништата“ на Јуре Павловиќ – приказна за југословенската кошаркарска репрезентација што го освои златниот медал на Европското првенство во 1991 година. Легендарните кошаркари стоеја на подиумот и гледаа како се крева знамето на нивната тогашна земја Југославија – направија сè за слава на земјата што всушност престана да постои три дена претходно.

В сабота ќе биде прикажан „Среќен“ на Сандеп Кумар (Австрија). Дејството се случува во Австрија и раскажува приказна за непријавен индиски мигрант, кој се бори со последиците од известувањето за депортација, за да пронајде среќа во животот за себе и за својата ќерка. Филмот повлекува паралела и ја разоткрива истата желба за среќа кај оние што ги среќава, а кои се чини дека имаат сè.
Потоа ќе го видиме „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе (Грузија, Франција, Италија). Откако татко му го напушта за да стане православен монах, Сандро се бори да ги усогласи својата должност кон Бога и својата разбудена сексуалност, што се манифестира на неконтролирани начини и го води кон сомнително однесување, додека бара смисла и припадност во турбулентното општество на постсоветска Грузија. Приказната не е важна само за грузиското општество денес, туку е релевантна и за многу други земји во моментов. Силни струи на национализам, фашизам и верска нетолеранција кон сè што е различно се појавија на многу места, а сепак имаме тенденција да заборавиме дека најголемите ефекти од ваквите движења може да се видат кај тинејџерите, бидејќи тоа е таа ранлива возраст кога се обликува личноста на поединецот. В.Д.